Автоматизацијата во домот е еден од соништата на утрешнината. Дом кој е способен по ваши инструкции да извршува најразлични работи за да можете вие да искористите што повеќе време во активности по сопствен ќеф ќе значи ослободување од многу од домашните обврски и посветување внимание на посуштински активности.
Во таа насока Google во септември 2014 година поднесе барање за патент наречен „Безбедносно оценување во паметно-сензориран дом“ („Security scoring in a smart-sensored home). Идејата на ваквиот патент е да овозможи рамка за домашни уреди кои имаат на нив сензори, за да можат да се автоматизираат, уредуваат и/или осетат најразлични активности како што се пуштање/гасење на светло, отворање/затворање на прозорци, кршење на прозорец, автоматски отворање на врата…
Ова е чекор на Google кон домашна безбедност преку изведување на ваков систем. Ваквите „паметни“ домови ќе можат да се поврзат меѓусебно во меѓусебна соседска мрежа и ќе комуницираат на можни поголеми настани како на пример пожар, поплави, земјотреси и слично, делувајќи во исто време како огромен уред за осознавање на состојби и со некоја автоматизирана реакција.
Од спомнатите сензори постојат сензори за влез кои ќе детектираат дали некој влегол преку прозорец или го скршил; паметни штекери кои ќе ја уредуваат јачината на струјата или ќе ја изгасат по потреба (на пример, ќе ги изгасат вентилаторот и греалката кога ќе излезете од дома); паметни контролери кои би го затемниле или исклучиле светлото; и така натаму.
Google за оваа цел во 2014 година ја купи компанијата Nest која се занимава со паметни термостати и детектори на чад. Со помош на ваквата поврзаност и плејада на сензори Google ќе може да навлезе на голема врата во применетата вештачка интелигенција за целите на паметните домови, за што веќе пишувавме.
Извор: VentureBeat