Пак околу светот за 80 дена? А што велите за лет околу светот без користење на фосилно гориво со мали застанувања за двојно време? Изгледа како научна фантастика, но знаеме дека научната фантастика има интересна тенденција да се остварува како што напредуваме во технологијата.
Запознајте се со Solar Impulse 2, авионот кој заедно со двајцата негови пилоти, Бертранд Пикард и Андре Боршберг, ќе го облетаат целиот свет и ќе се вратат на истото место откаде што полетаа, Абу Даби (ОАЕ). Како што прочитавте погоре, авионот не користи фосилно гориво туку целиот работи исклучиво на енергија стекната од сонцето. Затоа на себе има 17.000 сончеви панели кои полнат батерии преку ден и го одржуваат леталото во лет.
Крилјата на авионот се широки 72 метра (!), што е пошироко од Боинг 747. Тој лета со помош на пропелери кои му овозможуваат да развие брзина од 140 км/ч, што како брзина можеби не е импресивна за стандардните авиони на фосилни горива. Неговата батерија тежи 633 килограми, а се` на се` авионот тежи зачудувачки 2.300 килограми, што е полесно од некои коли кои се возат по улиците.
Според кажувањата на пилотите-инженери, авионот би можел да лета непрестано. Причината зошто мора да застане е бидејќи самите пилоти не можат да летаат непрестано. Тие ќе слетуваат по поминувањето на разни парчина од нивниот пат за да се наполнат со работи кои им требаат и плус да исфрлат отпадни материи.
На презентацијата беше претставено како изгледа авионот и како работи но никаде не беше претставено како пилотите ќе се снајдат со ваквите редовни проблеми. Тие дополнително ќе имаат проблем со тоа што ќе бидат приморани да практично седат околу 150 дена, но за остварување на вакви цивилизациски цели луѓето отсекогаш биле спремни да ризикуваат многу па дури и своите животи.
Пилотите нема да бидат во иста кабина туку секој ќе си биде во посебна. Едниот кога ќе одмора другиот ќе може да спие и така ќе го издржат летањето, кое во пракса ќе значи дека секој ќе мора да лета по 12 часа дневно. Тоа воопшто не е лесен подвиг. Ја даваме нашата поддршка на Пикард и Боршберг и ќе го следиме нивниот напредок и репортажа низ светот. Тие само што полетаа од Абу Даби, и нивната патека се движи низ Индија, Кина, Тихиот океан, САД, и од Њу Јорк директно се враќаат во Абу Даби.
Ваквите подвизи се доказ дека човештвото кога сака може да се посвети на навистина благородни цели место да се натпреварува кој поефикасно оружје за убивање ќе создаде и колку ќе си ја оствари геополитичката агенда. Затоа ваквите подвизи треба да се фалат од сите нас.
Извор: Engadget 1, 2, BBC News