Светската популација се доближува до 7 и пол милијарди луѓе (поточно, 7,21 милијарди во моментов). Тоа е една огромна маса на живи суштества на кои им треба храна, вода, дом и така натаму. Според некои пресметки, на еден човек му требаат околу 200 килограми храна годишно. 7 и пол милијарди х 200 килограми… Од резултатот боли глава – 1 трилион и 500 милијарди килограми годишно.
Толкаво количество на храна тешко дека ќе може да се произведува во иднина преку старомодниот изорај – посеј – засади – навади – наѓубри – обери/ожнеј – изеди процес. Во таа насока веќе има значајни напори кон автоматизација/роботизација на производството на храна, но тие напори се` уште се базираат на стандардните методи кои работат врз огромни полиња (впрочем, пишувавме за полињата на иднината пред некое време на Смартпортал).
Од друга страна активно се работи на оптимизација на просторот и создавањето на вештачки „полиња“ на кои можат да се растат најразлични типови на растенија. Како, на пример, марули. Па така, една јапонска компанија со име Spread во 2017 г. ќе ја отвори првата целосно автоматизирана фарма за марули.
Таа ќе биде раширена на 4.800 метра квадратни, ќе биде на повеќе нивоа, ќе има вештачко светло и ќе чини околу 14 милиони евра. Тоа што е навистина импресивно е што целиот процес на производство: садење, пресадување, наводнување, контрола на температурата и водата, зрачењето со вештачко светло, одржувањето и сите други процеси ќе бидат – роботизирани. Луѓето ќе бидат потребни само за проверка дали семињата се накалемиле и почнале да се претвораат во растенија и за ништо друго.
Покрај тоа што целиот процес ќе биде роботизиран, фармата ќе биде и суперефикасна што се однесува од аспект на потрошувачка на ресурсите, особено на водата. Имено, водата ќе се рециклира дури до 98% и повторно ќе се користи во процесот. Дополнително, оддалеченоста од луѓето ќе помогне за похигиенско растење на марулите бидејќи нема да има донесување на разни бактерии и други паразити.
Од Spread очекуваат дека со оваа форма ќе произведуваат по 10 милиони марули годишно. Тоа се 10 милиони марули со минимално учество на човечки работни часови. Проблематичен концепт од аспект на работни места, но од аспект на екологија, ефикасност и можност за растење на огромни количества на храна апсолутно позитивен. Изгледа дека барем привремено ќе најдеме некое решение за обезбедување на огромната човекова популација со храна, и тоа во роботите и синтетичката интелигенција.
Извор: IFLScience, FastCoExist, Business Insider