Robot-apple-Erik-Charlton-Flickr-780x657

Роботизацијата полека, но сигурно ги презема многу од мануелните, повторливи и досадни активности кои претходно ги имаат работено луѓе. Спојување на возила, изработка на микрочипови, полнење на шишиња, орање на земјиште и еден куп други активности се` повеќе се извршувани од интелигентни алгоритми кои работат и размислуваат место нас, а воедно се далеку поефикасни од нас за постигнување на истиот резултат. Изгледа дека на чекор сме роботите да не` заменат и во една од најстарите човекови активности – готвењето.

Научниците од Универзитетот од Мериленд и NICTA од Австралија започнале со експериментација со таканареченото „длабоко учење“ со вештачки неврални мрежи, за да научат робот да готви преку гледање на видео клипови од Youtube како и други медиуми. Системот имал задача да прегледа 120 илјади видеа, 1 милијарда слики и 100 милиони направи-сам упатства за готвење, и врз оваа база да успее да сфати како да фаќа предмети според нивниот изглед и да ги употребува за готвење.

Основниот проблем со ваквото машинско учење е што вештачките неврални мрежи имаат значителни потешкотии да препознаат предмет во разни просторни варијации (нешто за што луѓето и животните имаат вграден модул во мозокот и што често е дел од когнитивни тестови и тестови за интелигенција) и потешкотија истиот да го издвојат просторно во дводимензионална снимка, какви што најчесто се на Youtube. Ова носи дополнителни проблеми за „сфаќањето“ што всушност се случило на видеото бидејќи невралната мрежа може да остане „збунета“ за тоа дали готвачот во видеото ја земал лажицата или таа магично се залепила за неговата рака кога поминал до неа (што не е толку чудно да се заклучи ако немате искуствена информација за 3Д перспектива).

Ваквите наоди се запишани во труд и ќе бидат презентирани на AAAI (Association for Advancement of Artificial Intelligence; Асоцијација за напредок во вештачката интелигенција) како напредок во развитокот на ВИ. Иако многу од вас можеби ќе помислат на опасноста од преземањето на работата од страна на ВИ на ваков начин (а да не го спомнам и уништувањето на романтичните вечери), секако би можеле да помислите на целото слободно време кое ќе ви остане кога ќе престанете со готвење, па конечно ќе можете да го напишете тој роман што го планирате последниве 6 години, или да посветите повеќе внимание на партнерот. Но секогаш имајте предвид дека ако ВИ може да научи како да управува со апарати од домаќинството, ќе може да научи како да управува со АК47…

Извор: KurzweilAI, VentureBeat

Претходна статијаFirefox 35 достапен за симнување, донесува поддршка за веб апликации на десктоп
Следна статијаSamsung го претстави Z1, првиот Tizen телефон за индиските корисници