Веројатно сите го имате сретнато графенот, материјал кој е составен од тенок слој на јаглеродни атоми и кој покажува зачудувачка цврстина и електроспроведувачки карактеристики. Тој често се спомнува во можните варијанти за создавање на нови видови на батерии кои би траеле многу подолго и би држеле многу повеќе електричен полнеж. Начините за тоа како да се оформи истиот за да можат подобро да се искористат неговите карактеристики постојано еволуираат.
Научниците од Јужна Кореа употребиле техника на т.н. „длабоко пржење“ за да ги подобрат карактеристиките на електроспроведливост на графенот. Тие земале капки од графен-кислород и ги испржиле во многу топла (околу 160 целзуисови степени) мешавина од киселина и органски соединенија. Со тоа успеале да добијат 3-димензионална структура на капките, кои се „распарталиле“. Со ваквиот процес и добивањето на ваквата форма, графенот се стекнал со многу подобри карактеристики при пренесување на електричен полнеж. Тие практично се ливчиња кои се спојуваат околу заеднички „топки“ и во изгледот потсеќаат на зелки.
Постојат и други методи на добивање 3Д структура од графен, но ваквиот начин е многу полесен и поевтин за производство. Практично, проблемот во зголемување на графенската ефикасност е во постигнувањето на што поголема, но нерегуларна површина која поради таквата карактеристика подобро ќе задржува и пренесува електрично полнење. Со ова научниците веруваат дека графенот ќе може да се користи во нови видови на батерии кои ќе бидат далеку подобри од тие што ги имаме денес, кои во однос на целиот напредок на технологијата кој го имаме веќе изгледаат смешно.