Sony 4K Tv-650-80

Претходната недела пишувавме за планот на Dolby да го подобри гледањето на видео содржини по дома, но и на кино. Таму напоменавме дека денешната телевизија пати од мал динамичен опсег на сликата, нешто налик на Војната на гласнина која се случува моментално во аудио индустријата. Со малиот динамичен опсег се постигнува слика која недоволно добро го имитира вистинскиот живот и динамичниот опсег кој можат да го постигнат човековите очи.

Нашите очи се приспособуваат на најразлични екстремни услови на гледање. Така на пример, кога гледаме во извори на јака светлина (на пример, светол летен ден) нашите зеници се прилагодуваат за да бидеме способни да ги гледаме објектите околу нас. Кога ќе влеземе во темна соба (другата екстрема) очите повторно се прилагодуваат и ние немаме поголеми проблеми со снаоѓањето ако постои барем мал извор на светлина. Исто така немаме проблем да ги гледаме градските светла навечер, иако тие даваат минијатурно количество на светлина во однос на Сонцето преку ден.

Новиот HDR (high dynamic range) стандард воведува поголем простор за динамика меѓу контраст, палетата на бои и брзината на реагирање, имитирајќи го вистинскиот свет и капацитетите на очите. Денешните телевизори во просек имаат околу 400 нитс (кандела по квадратен метар), додека HDR дефинира рангови од 450 – 1000 нитс. Со тоа телевизорите ќе постанат многу посветли, но во релативни мерки тоа ќе значи дека темнината ќе биде многу подлабока и дека сликите ќе изгледаат многу налик тие што ги гледаме со нашите очи.

Инаку, веројатно повеќето луѓе се имаат сретнато со HDR преку новите телефони и нивните можности за фотографирање. Практично, камерата прави 3 или повеќе слики со различно ниво на осветленост (темно, средно, светло) и потоа дигитално ги врзува за да ги изедначи нивоата на осветленост насекаде низ сликата. Во HDR телевизијата нема да има изедначување на нивоата, туку видеото ќе се снима во три или повеќе нивоа на осветленост за да потоа се прикаже на HDR-компатибилен телевизор кој ќе може да ги прикаже сите детали и разлики во контраст и осветлување.

Производителите одат и накај опфаќање на уште поголем дел од човековото поле со претставување на новите 4К телевизори кои носат огромна резолуција од 3.840 x 2.160, но правата возбуда ќе ја донесат 8К телевизорите со нивната гигантска резолуција до 10.080 × 4.320! Повеќето големи телевизорски компании како Samsung, Sony, LG, Panasonic и други се натпреваруваат кој ќе донесе поквалитетен 4К телевизор на пазарот, за навремено да го зафатат овој дел од пазарот.

Извор: TechRadar

Претходна статија„Пржењето“ на графенот доведува до подобрување на неговите електро спроведувачки карактеристики
Следна статијаMicrosoft го одржа Windows 10 настанот – Што беше претставено?