Kinect е посебен уред, добро познат на љубителите на игри, кој доаѓа како додаток на Xbox, играчката конзола од Microsoft. Тој се поставува под телевизорот и ги детектира движењата на играчите што стојат пред него и ги претвора во одредени команди, па овозможува играње на одредени игри преку движење и без користење на контролори.
Microsoft Research Connections во соработка со Chinese Academy of Sciences, Beijing Union University и Microsoft Research Asia почна да развива систем кој што ќе го користи Kinect сензорот за препознавање на јазикот со знаци што го користат глувите или луѓето со проблеми со слухот. Истиот е уште во фаза на развој и препознава многу малку од вкупниот број на знаци.
Функционира на тој начин што ги препознава движењата на рацете што се прават при користење на јазикот со знаци, истите ги преведува и ги прикажува текстуално на монитор и ги чита на глас. Преведувањето на знаците се одвива во вистинско време, односно додека лицето ги користи знаците. Системот работи и во обратен правец, па напишаниот текст го претвора во знаци, прикажувајќи 3D модел на екранот кои ги симулира движењата на рацете. Ова овозможува разговор помеѓу лице кое го користи јазикот со знаци и лице што не е обучено да го разбира или користи јазикот. Овој систем треба да им овозможи на лицата со проблеми со слухот да работат на шалтери на пример, или истите да може да држат презентации пред публика што не го разбира јазикот со знаци.
Во продолжение погледнете демонстрација на системот во развој.