Експериментите за безжично пренесување на енергија не се нови. Со такви експерименти се има занимавано и самиот Никола Тесла, создавачот на системот на наизменична електрична енергија која ја користиме денес. За жал, многу од неговите експерименти и концепти не го виделе светлото на денот, загубени во правнички и конкурентски лавиринти (бил постојано под напад на Едисон).
После повеќе од скоро еден век се враќа безжичното пренесување енергија. Некој би се запрашал зошто е истото потребно. Замислете го потенцијалот на енергија која ќе може да се искористи од Сонцето со помош на орбитирачки сателити, без да биде предмет на пречки поради лошо време, бури и слично. Тоа е во случај ако целата оваа енергија може да се испрати доле на Земјата. Вештачките сателити и вселенски станици веќе редовно ја користат оваа енергија за функционирање, но да се испрати на Земјата е засега невозможно.
Начинот на кој научниците од Јапонија успеале безжично да испратат електрчна енергија се базира на микробрановото зрачење. Тие, употребувајќи микробранова радијација, прецизно испратиле 1,8 киловати енергија на далечина од 55 метри, поставувајќи своевиден рекорд во оваа област. Иако 55 метри се далеку од растојанието меѓу вештачки сателит и површината на Земјата, ваквите резултати се навистина импресивни бидејќи имплицираат на идниот развој на оваа технологија. Ваквиот експеримент е изведен од JAXA – Japanese Aerospace Exploration Agency. Според нив, идејата е да се создадат фарми на орбитирачки сателити на висина од 36 илјади километри кои би го прибирале сончевото зрачење, а потоа би го испраќале преку микробранови доле на Земјата.
Според известувачот од JAXA, „Но можеби ќе бидат потребни децении пред да видиме практична примена на оваа технологија – можеби во 2040-тите или подоцна. … Постојат многу предизвици кои треба да се решат, како што се праќањето на огромни структури во вселената, нивната конструкција и одржување“. Дополнителен проблем ќе биде прецизното испраќање на енергијата и можните пореметувања на атмосферските услови или животните циклуси од високосконцентрираните микробранови.
Веќе пишувавме за концентрираната сончева енергија и како таа покрај огромниот позитивен, има негативно влијание на летовите на птиците кои често се спржени од концентрацијата на енергија со огледалата. Не е тешко да се замисли дека нешто слично би се случувало и со испраќањето на микробрановото зрачење низ атмосферата. Дополнително, загревање на воздухот низ една или повеќе сконцентрирани точки може да резултира во создавање на атмосферски пореметувања па дури и урагани и ветришта. Секако, ваквите работи ќе се решат по некое време и ќе можеме да бидеме сведоци на нова револуција во снабдувањето со чиста, обновлива енергија.