GSYNC

Во петокот Nvidia ја претстави G-Sync технологијата која за првпат овозможува совршена синхронизација помеѓу графичката карта и мониторот. Резултатот е конзистентен приказ на слика и моментална реакција од страна на мониторот што не беше возможно со досегашните технологии.

Како што е познато, мониторите се освежуваат на фиксен интервал додека графичките карти обработуваат фрејмови тотално независно. Оваа несинхронизираност помеѓу графичката карта и мониторот предизвикува нерамномерен приказ на фрејмовите што резултира со “кочење” и “кинење” на сликата. Досега со овие проблеми се справуваше V-Sync технологијата чии недостатоци се добро документирани.

Новата G-Sync технологија е комбинација од хардвер и софтвер кој овозможува на графичката карта да ја контролира стапката на освежување на мониторот (refresh rate) и да ја прилагодува на бројот на прикажани фрејмови во секунда. Со ова се елиминира кочењето и кинењето на сликата на мониторот што доведува до конзистентен, “мазен” приказ независно од бројот на обработени фрејмови од страна на графичката.

Првите монитори кои ќе ја имплементираат оваа технологија се очекува да се појават во првиот квартал од наредната година. Од Asus веќе најавија дека G-Sync  хардверскиот модул ќе го вградуваат во VG248QE моделот кој ќе се продава по цена од 399$, а се очекуваат најави и од страна на BenQ, Philips и ViewSonic.

За да можете да ги уживате бенефициите на оваа технологија освен компатибилен монитор ќе ви биде потребна и Nvidia графичка карта од Kepler архитектурата.

Претходна статијаWindows 8.1 Boot-to-desktop функција
Следна статијаNokia World настан ќе се одржи утре 22-ри Октомври 2013