3d-chip

За еден кардиолог да може да воспостави соодветна дијагноза и да предложи соодветна терапија, тој мора да знае што се случува со кардиоваскуларниот систем на пациентот.

Со развојот на новите технологии паралелно се случува и напредок во медицината и методите кои се користат во неа. Па така сега, крвните садови, па дури и срцето може да бидат анализирани на многу современ начин. Неодамна, тим од научици успеа да создаде минијатурна сонда-катетер која би можела да направи пресврт на полето на кардиоваскуларната хирургија. Имено, оваа сонда овозможува визуелно претставување на крвните садови во три димензии, додека со досегашната технологија овој поглед беше ограничен  на 2 димензии.

3d-chip2

Иновативноста се состои во поставување микрочип со дијаметар од 1,5 милиметри, кој е доволно мал за да може слободно да се движи низ кардиоваскуларниот систем на човекот. Оваа сонда се состои од микрочип и ултразвучен конвертор (трансдуктер) со процесирачка електроника, која преку 13 минијатурни кабли, овозможува процесирање на сликата од крвните садови на самата сонда. Па така доколку постои запушување на одредени крвни садови, лекарите ќе бидат во можност да ја видат целосната состојба на тој крвен сад, со отчитувања од микрочипот од сондата.

Во средината на микрочипот има минијатурна дупка од само 430 микрометри каде се сместени 13 жици потребни за пренос и процесирање на сите информации. За овој микрочип да работи потребни се 20 mW (миливати) на енергија, а ултразвучниот конвертор работи на фреквенција од 20MHz. Оваа направа која функционира во внатрешноста на крвните садови е способна да обезбеди повисока резолуција на слика за разлика од конвенционалните уреди кои се користат надвор од телото. Но, функционирањето во крвните садови бара да уредите бидат доволно мали и флексибилни за да патуваат низ истите.

Тоа што го прави овој уред технолошки корисен е тоа што самото процесирање на ултразвучните податоци се одвиваат на самата сонда. Досегашната технологија, која се користи на ова поле, дозволува само поглед на напречниот пресек на крвниот сад, додека оваа иновативна сонда овозможува 3Д интраваскуларен ултразвук и интракардијална ехографија од состојбата на крвниот сад.

Со оваа технологија, работата на кардиохирурзите значително би се олеснила, а истовремено драстично би се намалила потребата од оперативни зафати кај луѓето кои имаат проблеми од овој тип.

Претходна статијаЕлектричен автомобил од Tesla Motors за 35.000 долари
Следна статијаGoogle го претстави Project Tango, мобилен што прави 3D мапа од околината