Според анализата на MIT Technology Review, компанијата Tesla Motors се вбројува во 50 „најпаметни“ компании во светот. Оваа листа не е направена според угледот на компаниите, па Facebook и Apple не се наоѓаат на неа. Рангирањето е според севкупниот развој и иновации постигнати во полето на кое работат компаниите.
Претходната година производителите на електрични автомобили останаа разочарани поради малата побарувачка за нивните производи. Исклучок е Tesla Motors, чиј автомобил Мodel S luxury sedan во 2013 беше најмногу побаруван, односно двапати повеќе автомобили беа продадени за разлика од другите производители на електрични автомобили како Nissan и GM.
Предноста на оваа компанија е што сами ги произведуваат своите батерии, мотори, електроника и софтверски компоненти. Нивните производи се квалитетни и придонесуваат за одличен финален производ, за релативно ниска цена. Еден пример се супер полначите со кои може да се наполнат електричните автомобили од Tesla Motors, двапати побрзо отколку другите електрични автомобили. За да се постигне вакво полнење, целиот систем на автомобилиот работи синхронизирано, од системот за ладење, електрониките поврзани за полначот, па се до поврзаноста на електричната мрежа.
Најскапиот дел од еден електричен автомобил е батеријата, па поради тоа и електричните автомобили се енормно скапи. За да се намали цената, идејата на оваа компанија е да отвори огромна фабрика каде би се сконцентрирало целосното производство, односно производството на компонентите и самите автомобили, но и би се посветило внимание на создавање нови евтини батерии.
Од тука доаѓа и најавата за електрични автомобили со цена од 35.000 долари со кои ќе може да се поминат повеќе од 320 километри при едно полнење. Само за споредба, електричните автомобили кои сега се достапни на пазарот, може да поминат до 160 километри, а чинат од 70.000 до 100.000 долари.
Tesla Motors работи и на ширење на мрежата на супер полначи во САД и Канада и се надеваат на уште поголем пробив следната година, а за три години и пуштање на евтините електрични автомобили за масовна продажба.
Гласини се шират дека Apple е заинтересниран да ја купи Tesla Motors. Но, со годишна заработка од 2 милијарди долари, брзиот развој и успешноста на оваа компанија, поделени се мислењата дали е во ред да се изведе ова спојување.