1

Нова метода за безжично напојување на медицинска електроника која е вградена длабоко во телото, претставува револуционерен пристап кон третирање на одредени болести, која деновиве ни доаѓа како информација од Универзитетот Стенфорд од САД. Како што е наведено во Proceedings of the National Academy of Sciences, група инженери предводени од Ada Poon, успеале да конструираат електронски уред, кој е помал од зрно од ориз и кој може да се напојува и полни безжично преку извор на енергија со големина на кредитна картичка.

Сегашните уреди во главно користат енергија преку батерија која се вградува во телото. За жал, овие батерии може да бидат инвазивни за пациентите, а нивната употреба е многу често ограничена за импланти кои се наоѓаат под површината на кожата.

Новата метода, која научниците од Стенфрод ја предлагаат, овозможува безжичен трансфер на енергија длабоко во телото, а истата има намена да ги напојува минијатурните медицински уреди како пејсмејкерите, нервните стимулатори или најновите сензори кои од неодамна се појавуваат во оваа област. Со оваа технологија и се овозможува на медицината нов пристап кон третманот на одредени болести, наместо досега конвенционалниот со користење на одредени лекарства.

Основната идеја во ова открите, лежи во начинот на кој електромагнетните бранови поминуваат во зависност од видот на материјалот со кој истите се соочуваат. Електромагнетните бранови поседуваат својство да ги менуваат своите карактеристики кога се движат од воздухот кон внатрешноста на телото слично како и звучните бранови. На пример, ако го доближиме увото до самата железничка пруга, можеме да ги слушнеме вибрациите кои тркалата на возот ги создаваат, многу порано одошто би го слушнале самиот воз како доаѓа. Причината за ова лежи токму во начинот на кој овие бранови се движат низ одредени материјали.

Имајќи го ова на ум, Ada Poonуспеала да дизајнира извор на енергија што создава специфичен тип на електромагнетни бранови. Кога овој специјален бран поминува од воздухот кон внатрешноста на телото, ги менува своите карактеристики на начин кој дозволува истите да продираат кон внатрешноста, слично како звучните бранови долж железничката пруга.

Во рамките на експериментот кој научниците го направиле, успеале да пренесат енергија и да напојат минијатурен медицински имплант, дизајниран за потребите на експериментот. Со досегашната технологија повторното полнење на ваквите импланти не беше можно, па така со оваа метода овој проблем станува минато.

Ada Poon верува дека нејзиното достигнување може да доведе до производство на програмибилни микро-импланти со кои би се овозможило мониторирање на одредени витални функции, напојување на одредени електростимулатиори кои ги менуваат нервните сигнали во мозокот, како и микро-системи за аплицирање на лекарства непосредно каде што е потребно.

 

Извор: The Verge, Stanford News

Претходна статијаMicrosoft ги има откажано плановите за претставување на Surface Mini
Следна статијаХакиран eBay, ќе биде побарано корисниците да ги сменат своите лозинки