thermal-rocket

Марс е новата опсесија на вселенските агенции ширум светот. Елон Макс веќе прогласи дека сака да изгради град на Марс, а NASA постојано наоѓа подобри начини за патување до оваа планета. Во секој случај, патувањето до Марс ќе трае доста долго време, според некои проценки околу 8 месеци.

Се работи за развивање на поефикасни и поспособни сончево-електрични потисни системи кои треба да овозможат патување со далеку поголема брзина него што е можна со тие кои се ослонуваат на горива. Тоа ќе овозможи скратување на времето за патување, а тоа пак ќе овозможи помала изложеност на космичко зрачење, помала потреба за храна, вода и системи за одржување, и општо губење на помалку време за извршување на мисијата.

Идејата на администраторот на NASA Чарли Болден е да го скратат времето за стигнување до Марс од 8 месеци на 4. За да можат тоа да го постигнат работат заедно со компанијата Aerojet Rocketdyne, кои моментално работат на ваквиот тип на погон. Претседателот на Aerojet Rocketdyne, Скот Сејмур, во врска со ова изјави: „Сега се обидуваме да стигнеме до повисоки нивоа на моќност; тоа е следниот чекор. … Петнаесет киловати е следниот чекор, па потоа да ги закачиме заедно … потоа, на долг рок, 50 до 100 киловати“. Моментално тие сега имаат 5 киловатен погон за кој се надеваат дека ќе му ја зголемат ефикасноста во префрлање на сончева енергија (која паѓа на сончеви панели) во електрична.

Инаку, ваквиот погон работи на принципот што прима сончева светлина, која ја претвора во електрична енергија, која пак јонизира материја (т.н. јонски мотор). Јоните биваат насочени кон излезот на погонот, а нивното излегување дава потисна сила која го бутка погонот – со тоа и самото вселенско летало. Проблемот со ваквите мотори е што треба многу време да се залетаат од нулта брзина до некоја значајна, а имаат и проблем со кочење на кратки растојанија бидејќи немаат доволно моќност да го изведат тоа, па мора да се употребуваат стандардните кочници базирани на гасен притисок или гориво.

Извор: Mashable, Arstechnica

Претходна статијаKickstarter проект за развој на фонт базиран на ракописот на Алберт Ајнштајн
Следна статијаАлко – Апликација која ќе процени колку алкохол во крвта имате