Еден ден научниците од NASA седеле и смислувале што интересно да направат, а да не е веќе направено, и смислиле – ќе направат месечина на Месечината. И тоа со карпа од астероид. Така изгледа најновата вест која доаѓа од оваа вселенска агенција.
Нормално, NASA ова мултимилионска мисија не планира да ја направи само за да докаже дека може и поради тоа што има вишок средства на сметката, туку заради испитување на нов концепт за одбрана на Земјата од удар на некое потенцијално опасно тело како астероид или комета. Имено, NASA во својата програма има подпрограма наречена Мисија за пренасочување астероиди (Asteroid Redirect Mission – ARM) која главната цел и` е пронаоѓање начини како потенцијално опасните астероиди да се пренасочат или спречат да паднат на Земјата (и да предизвикаат умирање на 90% од живиот свет).
Нивната идеја е да пратат робот кој ќе лета до астероид, ќе „украде“ карпа од него и потоа ќе се врати кај Месечината каде што ќе ја пушти карпата како вештачки сателит на истата. Во меѓувреме роботот ќе тестира неколку начини на движење и пренасочување на карпата, како што е најновиот систем наречен Сончева електрична пропулзија.
Сончевата електрична пропулзија работи на принцип што сончевите зраци се собираат преку фотоелектрични сончеви панели, а потоа создадената електрична енергија се користи за наелектризирање на честички (молекули или атоми) кои поради тоа почнуваат да се движат. Со ваквкиот метод се постигнува движење на предмети со огромна маса (како што е една карпа од астероид) прилично ефикасно и без употреба на фиксно количество гориво.
Оваа мисија треба да трае неколку години, со оглед на тоа дека е насочена кон 2020 г. Останува да видиме дали на NASA или другите вселенски агенции ќе им текнат уште „полуди“ работи за во иднина, како придвижување на цела планета од едно место на друго, експлозија на нуклеарно оружје во вселената и слично.