MS Tûranor PlanetSolar e најголемиот брод во светот целосно напојуван од сончева енергија. По неговата должина, на 512 m2се поставени повеќе фотонапонски панели со вкупна инсталирана моќност од 93.5 kW. Овој катамаран се движи со просечна брзина од 5 јазли ( 9.25 km/h) и може да плови до 72 часа при отсуство на сонце. Првпат е пуштен во пловидба во март 2010 во Германија.
При конструкција и дизајнирање на PlanetSolar посебно внимание е посветено на аеродинамиката, погонот на бродот и изборот на материјали. Финалниот производ е футуристички катамаран со неверојатно лесна јаглеродна структура доволно издржлива за различни временски услови. Оптимизација е направена и при примањето и складирањето енергија.
За акумулирање на електричната енергија произведена од фотонапонските панели, во системот се вградени 6 блока на литиум-јонски батерии, со кои се напојуваат електричните мотори на бродот. Оваа технологија нуди максимална моќност и енергетска густина.
Освен за промоција на сончева енергија, овој брод се користи и за научни цели. Предводен од климатологот Мартин Бенистон од Универзитетот во Женева, футуристичкиот брод во 2013 беше искористен за собирање на податоци по должината на Голфската струја. Поради неговите одлични карактеристики, од добиените мерења јасно беа идентификувани одредени компоненти на океанските струи, кои не би можеле да се добијат при мерења од стандарден брод.
Интересен факт за PlanetSolar е тоа што е сопственик на 2 Гинисови рекорди. Претходната година го сруши својот сопствен Гинисов рекорд (26 дена), за најбрза пловидба низ Атлантикот (од Шпанија до Западна Индија) за 22 дена.
https://www.youtube.com/watch?v=TazwpW89tk8