После најавата дека првите Ubuntu мобилни телефони ќе бидат достапни оваа година, направени се договори со два производители на уреди за производство на телефоните. Поточно се работи за кинескиот Meizu и шпанскиот производител BQ. Canonical за своите први телефони одлучи да соработува со производители кои што се во фаза на освојување на пазарот, наместо со веќе огромните како Samsung и слични.
Повеќе информации за точната дата на претставување и достапност на мобилните, како и нивните карактеристики не е дадена, освен информацијата дека тие ќе бидат во класата на средни, но и мобилни од високата класа. Се претпоставува дека мобилните ќе бидат направени на основа на некој од постојните Android модели кои што се достапни од овие производители. Посебно интересен е MX3 од Meizu кој што доаѓа со 5,1 инчен екран, 8 јадрен ARM Cortex 15 процесор, 3 јадрен графички процесор и 2 GB RAM меморија. Сепак не значи дека нема да бидат претставени целосно нови модели специјално направени за Ubuntu.
Мобилната индустрија долго време е во потрага по остварлива алтернатива на тие што царуваат денес. Ubuntu ја враќа контролата назад во рацете на нашите партнери и претставува возбудлива платформа за корисниците, овозможувајќи искуство кое што се разликува од веќе заморената мрежа на икони на Android и iOS и овозможува течно, искуство богато со содржина. – Mark Shuttleworth.
Дали некој од вас би сакал да купи Ubuntu мобилен телефон ?