Серверите се заслужни за се што ние денес правиме на интернет – замислете ги како мега големи супер компјутери со многу, многу простор за складирање податоци. Овие компјутери нормално трошат многу енергија, а поголемиот дел од неа е за нивно ладење. Со цел намалување на трошоците за ладење на овие дата сервери, Microsoft тестира сервер – подморница.
Идејата е во принцип многу едноставна – морската вода, колку подлабоко се оди, толку е поладна. Благодарение на тоа, амбиенталната температура околу компјутерот ќе биде многу пониска и користењето на компресори за ладење (всушност клима уреди) многу ќе се намали.
Project Natick, како што Microsoft го нарече овој тест обид за сервер – подморница со големина од 2,5 метри веќе работи 105 дена без поголеми проблеми, а се наоѓа 9 метри под вода. Ова можеби не звучи импресивно, но понатамошните подобрувања би можеле да ги спуштат овие подморници многу подлабоко и со тоа тие да бидат уште поефикасни.
Покрај полесното ладење, овие сервери ќе може да црпат енергија и од разликата меѓу плимата и осеката, што дополнително ќе ја намали потрошувачката на енергија. Секако, ова е одлично за намалување на сметките на Microsoft, но е добро и за заштитата на околината. Според Microsoft, во иднина може и да се намали и времето за производство и ставање во функција на капсулите (подморниците) од две години на само 90 дена.
Microsoft не е единствениот со различни идеи за тоа каде треба да се поставуваат серверите. Facebook веќе има нов сервер во Шведска, каде температурите се многу пониски, додека “U.S. Navy” развива сервери кои пловат на вода. Нив се очекува да ги следат и останатите интернет „големци“ како Google и Amazon. Доколку идејата на Microsoft се покаже како успешна, ништо чудно битката за ефикасни сервери да се пресели и на океанското дно – Земјата е сепак 2/3 вода.
Извор: Time, Daily Mail, New York Times