Во сегашното информационо доба вашите информации, ако не ги чувате внимателно, се на тацна на секакви актери на сцената. Оттаму, не е ни чудно зошто преземате чекори за заштита на вашата приватност. Вашите информации се само ваши – и тоа така треба да остане се` додека не одлучите самите да ги споделите со некој друг. За жал, има многу „ѕиркачи“ во облик на љубопитни пријатели, владата, тајните агенции… кои би сакале да ви ѕирнат во вашата приватност, за ваше добро секако нели.
Можеби алатките за борба против напредните воајери како влади и тајни агенции се прилично сложени, но кога се работи за спречување на доброто старо ѕиркање преку рамо, работите поедноставно се решаваат. Или барем така мислат од Microsoft кои патентираа начин како приказот од вашиот екран да го гледате само вие т.е. никој од страна да не може да го види и разбере.
Во основа нивниот систем (треба да) работи со постоење на две позадински светла со различен профил на аголен интензитет. Уредот би можел да работи во два модуса – приватен и стандарден. Кога ќе се одбере приватен, екранот ќе биде осветлен со двете позадински светла кои имаат различен профил на аголен интензитет. Со првото светло приказот на сликата е нормален, со второто е обратен. Тие што ќе гледаат од страна ќе видат слика која е мешавина од двете обратно позиционирани слики.
Со помош на истото ќе се овозможи само корисникот кој се наоѓа пред екранот да ја гледа неговата содржина, а тие од страна да не можат да видат ништо значајно. Прашање е само како ќе се заштитува приказ со многу малку информации, на пример, текст составен од еден збор и дали овој начин ќе биде доволен за заштита и во такви случаи. Ваквиот патент не е нов изум на Microsoft – Apple уште во 2011 г. патентираше сличен изум.
Иако сме сигурни дека агенциите како NSA ќе најдат начин и овој изум да го пробијат по некое време, битно е да се бориме активно против узурпацијата на нашата приватност. Ваквиот уред барем ќе биде доволен за оние ѕиркачи преку рамото на кои никогаш не им е доста од дознавање на кого сте стиснале „лајк“ или која ви е лозинката од вашата Facebook сметка.
Извор: Ubergizmo, Patently Mobile, VC Post