Батерии кои работат на воздух… интересен концепт. Дали исто толку евазивен колку и автомобил на воздух? Веројатно исто толку остварлив, а тоа е прилично (видете го претходниот линк).
Се работи за таканаречени „литиум-воздух“ батерии за кои веќе се изработуваат тест-концепти. Во мало појаснување, не е дека овие батерии работат (засега) на „воздух“ туку на кислород кој им го зголемува капацитетот за зачувување на електрична енергија.
Концептот е интересен: електроди од графен кои се „преплавени“ со чист кислород. Ова овозможува потенцијално развивање на капацитет десет пати поголем од денешните литиум-јонски батерии. За жал, експериментите кои денес се прават со оваа ветувачка технологија не се баш најуспешни. Литиум-воздух батериите се` уште не се доволно стабилни во својот полнеж, засега немаат толкав капацитет и дури сега почнуваат да се приближуваат на големината на стандардните батерии.
Па така, според сегашните проценки целосно функционирачка ваква батерија треба да се појави за десетина години. Според проф. Клер Греј, сениор автор на студијата, „Што ние навистина сакаме е вистинска литиум-воздух батерија – таква која зема само воздух без да мора да се отстранат јаглеродниот диоксид, азотот и водата. … И сега имаме систем кој барем толерира многу вода“.
Да се надеваме дека дотогаш ќе имаме и чист воздух за да ги подобриме перформансите на батериите во електронските уреди како и во нашите биолошки тела.