На Смартпортал веќе пишувавме за паузата во работа на ГХС (Големиот хадронски судрувач; LHC) поради надградба и одржување и неговиот повторен старт со работа во 2015 година. Засега ГХС е најголемиот судрувач на честички во светот и ќе остане таков се` додека не го видиме гигантскиот кинески во 2020 година.
По паузата научниците почнаа бавно да го враќаат во погон ГХС при Европската организација за нуклеарни истражувања, тестирајќи ги новите можности и безбедноста на капацитетите. Во последно време тие почнаа да навлегуваат во експерименти кои претходно не можеа да бидат постигнати.
Таков пример се судрувањата на јони на олово кои сега веќе се судруваат со енергија никогаш претходно постигната. Ваквите судири овозможуваат да се видат реакциите на честичките кои се претпоставува дека настанале во Големата експлозија (Big Bang) на почетокот на создавањето на Универзумот.
Тоа го вклучува постоењето на кваркови и глуони кои во тие почетни микросекунди делувале меѓу себе за да ги создадат протоните и неутроните, основните градбени единки на елементите во Менделеевиот систем. При симулирање на условите во тие моменти научниците можат да испитаат што точно тие честички правеле и како довеле до денешниот материјален и „студен“ Универзум во кој живееме.
Да живее науката!