Прво што помислувате кога ќе ви се појави сликата на ласер е уред кој зрачи енергија во вид на сконцентриран (обично точкест) сноп. Зрачењето обично се поврзува со зголемување на температурата, па затоа можеби веста која ви ја пренесуваме ќе ви биде чудна.
Имено, научниците при Универзитетот од Вашингтон успеаја со ласер да изладат течност за 20 целзиусови степени. Сениор-авторот на студијата Педен Радер изјави дека „Ова е прв пример на ласерски зрак кој ќе лади течности, како водата, под секојдневни услови. … Навистина, беше отворено прашање дали ова може да се постигне бидејќи обично водата се загрева кога е осветлена“.
Кој е „трикот“? Во основа се работи за таканареченото „поместување кон сино“ при кое фотоните (кои имаат одредена енергија и одредена бранова должина во електромагнетниот спектар, а со тоа одредена фреквенција и конкретна боја), им се намалува брановата должина, најчесто поради движење на изворот на фотони кон нивната цел. Намалување на брановата должина обично значи зголемување на фреквенцијата. Ова зголемување во видливиот спектар дава поместување кон сината боја која има повисока фреквенција (откаде и „поместување кон сино“).
Во конкретниот случај ласерските инфрацрвени фотони биле „поместени кон сино“ и потоа биле пратени кон нанокристал кој се наоѓал во капка вода. Кога атомите на кристалот ги апсорбирале овие фотони ја зголемиле својата енергија (се возбудиле), а поради тоа започнале да исфрлаат фотони. Исфрлените фотони имале поголема енергија од примените, а оваа разлика се одразила во намалување на температурата на атомите на кристалот што пак резултирало во истиот ефект врз течноста.
Ваквиот експеримент, иако прв, веќе ги покажува потенцијалите на ова откритие. Ласери-ладачи ќе можат да се искористат за прецизно ладење на идните микропроцесори, ладење на клетки при што би можело да им се забават процесите за да се забележи што точно прават, градење на ласерски-базирани фрижидери и така натаму. Сепак, засега е интересно што воопшто е постигнат овој ефект по кој се трага подолго време.
Извор: CNet, Uni. of Washington