Еден од проблемите со кои што се соочува железничкиот сообраќај е чистење на пругите од насобрани листови од дрвата. Можеби ова делува несериозно и го поставува прашањето како може листовите да претставуваат проблем за возовите, меѓутоа тие изгледа не се толку безопасни како што би помислиле.
Листовите доколку не бидат исчистени од пругите, се насобираат креирајќи слој сличен на материјалот тефлон. Тоа прави да возовите го изгубат саканото ниво на поврзаност со шините, што предизвикува одредени проблеми во системите, како намалено триење кое што директно влијае на стабилноста и брзината на кочење. Во Холандија овој проблем има предизвикано каснење на возовите од 4,5 милиони часови во 2013 година.
За справување со овој проблем на возовите се поставуваат системи кои што прскаат со млазови со вода или смеса од гел и песок. Овој систем успешно ги чисти пругите од листовите, меѓутоа ги остава влажни, што предизвикува повторно лесно лепење на листови, а и го намалува триењето на возовите.
Како тест, на одредени возови во Холандија ќе им бидат поставени ласери на делот кај тркалата кои што ќе бидат наместени под агол за да можат да ги погодуваат шините, односно листовите кои што ги има. Предноста на овој систем ќе биде тоа што покрај тргањето на листовите, нема да ги оставаат влажни шините.
Исто така, брановата должина на ласерот ќе биде таква да зраците се одбиваат од шините, односно од металот, а со тоа нема да дојде до нивно оштетување.
Систем кој што користи ласери за ваква потреба е веќе тестиран во деведесеттите, но истиот не функционирал како што треба поради вибрациите на возот. Новиот систем ќе има заштита која што ќе го исклучува ласерот при поголеми вибрации кои што ќе го насочуваат на страна од пругите.
Извор: Cnet, NewScientist
Слика: Wikipedia