Ракета која е 3Д-испечатена, воведува иновација во работењето базирана на електрични мотори, и чини помалку од 5 милиони долари – три муви со еден удар? Токму тоа беше презентирано од Rocket Lab, приватна компанија во зачеток со поддршка од Lockheed Martin и други.
На Вселенскиот симпозиум во САД, Rocket Lab го претстави својот најнов тип на ракета наречен Rutherford за кој веруваат дека ќе предизвика големи дисторзии во пазарот за вселенска технологија. Најголем процент од деловите се испечатени со 3Д-печатачи користејќи специфичен метод на топење со електронски зрак. Ваквиот начин на изработка го смалува времето за конструкција на ракетата од години на неколку недели. Дополнително. Rutherford работи на систем на електрична пропулзија место на течно гориво. Ова го остварува со вградувањето на литиум-јонски батерии во самата ракета, кои пак ја создаваат потисната моќ за полетување. Исто така, ваквиот начин на пропулзија ја намалува масата на самата ракета, дополнително намалувајќи ги трошоците.
Третата „иновација“ што ја воведува Rocket Lab со Rutherford е огромното намалување на чинењето на оваа ракета, која би требало да чини „само“ 5 милиони долари. Ракетата е долга 18 метри и за прв пат ќе биде лансирана при крајот на оваа година во Нов Зеланд. Според Петер Бек, главниот извршен директор (CEO) на Rocket Lab, „Само поради напредокот во батериската технологија ние можеме да одиме со електрични турбопумпи. Само пред 3 или 4 години технологијата немаше да биде доволна. Но постојат огромни напредувања во краткиот период, и сега електричниот мотор е околу 95% ефикасен, за разлика од 60% ефикасност на гасниот мотор“.
Ќе се согласиме дека ваквиот напредок е навистина огромен и ќе претставува значително подобрување во зачестеноста на летовите, нивната цена и достапноста за приватни иницијативи подалеку од државните. Всушност, ако ги исполни очекувањата, Rocket Lab ќе воведе начин за многу поинтензивна комерцијализација на вселенските летови и забрзување на ангажираноста на човештвото во овој сегмент.
Извор: Stuff.co.nz, Engadget, PopSci