Маглев (комбинација од „магнетска левитација“) возовите се технологија која светот на транспорт полека ја прифаќа. Поради принципот на левитација се елиминира отпорот на тркала со подлогата, ниту пак има потреба воопшто од тркала, намалувајќи ја тежината на возот. Поради ова, ваквите возови можат да постигнат неверојатни брзини, а еден таков рекорд беше поставен деновиве во Јапонија.
Имено, еден маглев воз на Централната јапонска железница постигна максимална брзина од околу 586 км/час, со која го победи својот 12 годишен рекорд од 577 км/ч. При возењето внатре во возот се дружеле 29 техничари. Сепак, ваквите брзини обичните патници никогаш нема да ги искусат, туку поверојатно е дека ќе се возат на брзини од „само“ 500 км/ч. За споредба, брзината на најбрзите возови во САД е од прилика 240 км/ч, што во споредба со брзината постигната во Јапонија е „смешна“.
Рекордот на Централната јапонска железница веројатно нема да потрае долго – следниот четврток се очекува јапонската JR Central да ја постигне брзината од 596 км/час. Прашањето е каде е ограничувањето на брзината на овие неверојатно брзи „куршум“ возови и кога на нашите власти ќе им текне да инвестираат во ваква железничка инфраструктура место во ново-стари автобуси.
Јапонија се надева дека ќе може да ја извезе технологијата во САД и други држави, а во меѓувреме работи на нова линија меѓу Токио и Нагоја на која возовите треба да се движат со просечна брзина од 502 км/ч, почнувајќи од 2027 г. Останува да почекаме и да видиме до какви неверојатно брзини ќе се движат овие возови, патем да се надеваме дека нешто вакво ќе се оствари и кај нас.
Извор: Popular Mechanics, Engadget, Sky.com