Во модерните автомобили веќе се вградуваат многу системи кои вклучуваат камери и радари задолжени за забележување на препреките на патот, како и софтвер кој треба да реагира во најбрз можен рок за да му помогне на возачот во тоа. Но, Brains4Cars разви нов безбедносен систем, кој го следи возачот и неговите фацијални експресии и реакции, како начин за избегнување на евентуален судир.
Она што го прави посебен овој систем е што може да прочита дали возачот има намера да сврти и уште пред тоа да го предупреди да не го прави тоа, доколку има препрека. На пример, доколку забележи дека сакате да се престроите на друга лента, односно погледнувате во ретровизорот, а позади има кола која не можете да ја видите, ќе предупреди со звук и вибрации во седиштето, односно на воланот, на страната на која сакате да се престроите. На овој начин може да се постигне повисоко ниво на превенција од судири.
Системот има напредни алгоритми, кои се развивани на 10 возачи во рок од два месеци, за потоа да бидат детално анализирани, бидејќи секој човек има различна реакција во дадени ситуации, односно различно однесување на телото. Резултатот е предвидување на желбата на возачот дури 3,53 секунди пред да го направи тоа, со точност од 77,4%. Во превод, системот ќе знае каде сакате да свртите, три секунди пред да го направите тоа!
Сепак, технологијата е во многу рана фаза на развој и е далеку од совршена. На пример, многу лесно може да ја збуни мала сенка на лицето, а исто така не може да одреди каде сака да сврти возачот доколку тој/таа јасно не ја сврти главата лево или десно… Но, од Brains4Cars велат дека ќе работат на подобрување, бидејќи и ова е добар почеток. Исто така, во иднина, се најавуваат и нови алгоритми, кои ќе можат да оценат дали возачот гледа во својот паметен телефон и да го предупредат да не го прави тоа.
Извор: Engadget