Производителите на автомобили заостануваат неколку години кога се во прашање системите за забава во внатрешноста на возилото, а тоа особено се однесува на поевтините модели.
Оние што пробале некој таков систем, веројатно знаат колку се неинтуитивни и тешки за користење, како и особено бавни, како некој постар мобилен телефон. Исто така, многу од нив се уште користат резистивни екрани на допир, кои бараат силно притискање со прстот и не овозможуваат допирање во повеќе точки.
Honda, еден од најголемите светски производители, одлучи да ги подобри работите со вградување на Android во новиот Civic, но дали тоа е правилниот потег? Прво, верзијата на Android која е вградена е Ice Cream Sandwich, кој царуваше пред три години, а второ, интерфејсот е скоро подеднаков како кај еден таблет. А таков интерфејс, во автомобил, скоро никогаш не успева. Чипот е на Nvidia Tegra, но не е назначено точно кој, иако според верзијата на оперативниот систем, можно е и да е доста постар.
И покрај тоа, системот има една добра функција, а тоа е користењето на мобилниот телефон, на големиот дисплеј во автомобилот. Едноставно, паметниот телефон се поврзува со HDMI кабел и потоа може да се користат сите негови апликации и неговиот кориснички интерфејс. Ова значи дека може да се користат и iOS и Windows Phone уреди, кои имаат вградено HDMI излез. Фино.
Сепак, една работа не е јасна во целава ситуација, а тоа е зошто Honda се одлучи на обичен Android, кога Google веќе го лансираше Android Auto како софтверско решение наменето исклучиво за автомобилите. Или пак за Apple Car Play или Microsoft Sync, кои се веќе развиени софтвери за автомобили.
Се чини, ќе помине уште некое време додека светот на автомобилите ја фати мобилната технологија во поглед на мултимедијалните можности, иако во поскапите модели веќе се појавуваат мултимедијални системи кои се брзи и лесни за користење.
Извор: Android Central