Замислете дека возите конечно итајќи да го остварите дамнешниот сон за пат некаде далеку. Сепак, на две-три стотици километри од дома ви пука гума на возилото. Нервоза ве облева мислејќи дека веројатно вашата авантура предвремено заврши. Или сепак не?
Научници од Институтот за истражување на полимери од Лајбниц, Германија, создадоа материјал кој може да и` помогне на гумата да се замозацели по оштетување.
Имено, гумата во случај на оштетување (како кинење) ги растура врските меѓу молекулите и потоа не може да се ревулканизира. Со новиот материјал, пак, токму тој процес е овозможен. Научниците го тестирале овој процес и откриле дека ревулканизацијата е толку квалитетна што гумата нема никаква разлика во својата карактеристика по завршениот процес.
Материјалот е комбинација од јаглерод и азот кој го предизвикува процесот на ревулканизација. Како што можете да видите на видеото, по примена на овој материјал врз гумата таа повторно се врзува и „работи“ како да никогаш не била исечена. Според нив, ваквото „лепило“ работи и на собна температура, со тоа што му требаат 8 дена за целосно да ја зацели гумата, а ако се крева температурата времето се скратува.
Ова е само дел од низата материјали кои во последно време се прават да бидат самозацелувачки т.е. кога ќе им се случи растурање на структурата автоматски да се поправи и да се задржи интегритетот, како на пример, со самозацелувачкиот бетон за кој пишувавме пред некое време или пак авионски крилја кои исто така сами се поправаат.