Еден од многу проекти на кои што работи Google е и развојот на автомобил кој што ќе може самиот да се управува, а вие едноставно да седите и да уживате или да завршите одредена работа додека стигнете до саканата дестинација. Овие автомобили кои што ги развива Google се во главно постоечки автомобили изменети и опремени со додатна опрема, но има и еден кој што е целосно дизајниран од нивна страна, а познат е по тоа што целосно го исклучува возачот со тоа што не вклучува волан и педали. Како што можевте да видите од неколку видеа преку кои што од компанијата го прикажуваат напредокот на овие возила, тие се тестираат во одредени ограничени места, како и одредени улици.
Сепак од компанијата сметаат дека можат многу повеќе да ги тестираат овие и идните само-управувачки автомобили доколку тоа го направат во посебна компјутерска симулација. За таа цел тие имаат направено симулација која што ги вклучува сите улици во Калифорнија. Во таа симулација, системот на вештачка интелигенција е ставен на тест преку креирање на разни сценарија кои што може да се случат доколку автомобилот вози на вистинските улици, како што се мотори кои што менуваат ленти, велосипедисти кои што го менуваат правецот на движење без конкретна најава, пешаци кои што ненадејно се појавуваат на одредени места и слично. Овој виртуелен автомобил веќе има поминато повеќе од 6 милиони километри на овие виртуелни улици, нешто што од Google нагласуваат дека во реални услови би им требало повеќе години да го направат.
Од Google имаат поднесено барање до властите во Калифорнија за измена на правилата кои што бараат возилата да бидат тестирани пред да бидат пуштени во продажба и да се додаде можноста тестирањата на само-управувачките возила да бидат направени во вакви виртуелни околини. Според нив бројот и видот на можни ситуации кои што можат да се случат во виртуелната околина е многу поголем од тој на вистинските улици за времето на тестирање. Сепак тестирањата на вистинските улици ќе мора да останат, затоа што колку и да е добро направена симулацијата, никогаш не може да се предвидат сите работи кои што луѓето се способни да ги направат.
Извор: ExtremeTech, The Guardian