Тим од германски истражувачи успеа да креира безжична мрежа преку која може да се примаат и праќаат податоци со неверојатни 100 Gbps (гигабити во секунда) и со тоа поставија нов светски рекорд. Претходниот светски рекорд, кој исто така пред извесно време беше поставен од германскиот тим, изнесуваше 40 Gbps.
Како за споредба оваа мрежа е 10 пати побрза од Google Fiber мрежата, која пак е 100 пати побрза од просечните широко опсегни мрежи. На 100 Gbps, или брзина на трансфер од 12,5 гигабајти во секунда би можеле да копирате целосен Blu-ray диск за само неколку секунди.
За да постигнат таков голем проток на податоци, истражувачите од Karlsruhe институтот за технологија (KIT) комбинираа два ласерски зраци за пренос на податоците. Ова резултира во електричен сигнал со фреквенција од 237,5 GHz, кој потоа преку стандардна антена се пренесува до рисиверот каде е вграден специјален чип за распознавање на истиот.
Фактот што оваа технологија користи ласери за генерирање на безжичен сигнал ја прави идеална за комбинирање со оптичка мрежа, така што би се покрило растојанието од базната станица до вашиот дом. Иако протокот од 100 Gbps беше постигнат на растојание од само 20 метри во лабораториски услови, претходната мрежа од 40 Gbps, користејќи слична опрема, беше креирана на растојание од 1 километар над градот Karlsruhe што кажува многу за реалниот потенцијал.
Двата експерименти се дел од “Millilink” проектот, финансиран од страна на германската влада, чија цел е донесување на интернет конекција во руралните области.