Што се случува кога ќе ставите на едно место студенти кои сакаат длабоки басови и до нив запален оган? Наоѓаат начин како да го изгаснат со басот.
Токму тоа се случило со студентите Сет Робертсон и Вјет Трен од Џорџ Мејсон Универзитетот од САД кои успеале да пронајдат начин за гаснење на оган со помош на звучни бранови. Ваквото откритие не е ново и беше претходно тестирано од DARPA, но сепак е многу интересно бидејќи за разлика од решението на DARPA кое бараше два огромни звучника, решението на студентите може да се изведе со еден преносен уред кој се носи во рака.
Нивниот уред работи на начин што создава нискофреквентни звуци со висока амплитуда т.е. јачина. Фреквенцијата се движи некаде од 30 до 60 херци, што значи во опсегот на бас звуците. Според нив, звучниот бран кој го испушта нивниот уред е доволно моќен што го вади воздухот од горивото дур трае огнот и така го гаси, бидејќи нема доволно кислород за да продолжи да гори.
Звучните (како и сите други) бранови работат на принцип на компресија и декомпресија. Кога еден бран се движи, тој создава делови на висока компресија на воздухот кои се следени од делови на висока декомпресија. Ова предизвикува агресивно движење на молекулите на воздухот меѓу двете точки, што пак го вади од оганот.
Робертсон и Трен го демонстрираа овој концепт на лице место (погледнете го видеото погоре), но само со одреден тип на огнови (запален алкохол). Тие ќе продолжат да работат на решавање на другите типови на огнови од запалена хартија, дрво, облека и слично. Се надеваме дека ова ќе донесе револуција во гаснењето на огнови и ќе ја елиминира потребата да се прскаат шумите со противпожарни хемикалии или пак да се трошат огромни количества вода при гаснење. Во исто време можеби ќе бидеме сведоци на зголемено пријавување во пожарникари од страна на луѓе кои имаат незадоволувачка желба да слушаат длабоки басови и на концерти и журки играат со часови до самите звучници.