Денес, се чини ниту еден автомобил не може целосно да ги задоволи нашите потреби. Малите автомобили се одлични за низ град и тесните паркинзи, но не се удобни на отворен пат, додека големите се одлични за долги патувања, но неупотребливи во градските гужви. За оние кои го сакаат најдоброто од двата света, решението се вика EO 2.
Засега се работи само за концепт автомобил, односно развоен модел на Германскиот Истражувачки Центар за Роботска Интелигенција, со план за понатамошно производство. EO 2 може лесно да го менува обликот, односно димензиите, по избор на возачот. На пример, доколку најдете тесно паркинг место, меѓуоскиното растојание (меѓу двете тркала) може да се намали и автомобилот буквално да се собере нагоре и да стане покомпактен, од 2,5 на 1,5 метри. Од друга страна, при повисоки брзини, меѓуоскиното растојание се издолжува, што ја зголемува удобноста и стабилноста.
EO 2 има и други адути во ракавот, кои може засекогаш да го сменат начинот на кој го паркираме нашиот автомобил. Имено, тркалата можат целосно да се завртат за 90 степени и автомобилот може да вози странично, што драматично го олеснува паралелното паркирање, кое е голем проблем за многу од возачите. Исто така, ова ќе му овозможи на EO 2 и целосно вртење од 360 степени во многу мал круг, односно буквално во место. За зафаќање што помал простор на паркинзите, EO 2 автомобилите можат и да се залепат еден до друг.
Нормално, како и секој футуристички автомобил и EO 2 има електричен погон, како и можност за автоматско возење. За таа цел, секој EO 2 автомобил ќе комуницира со сите други вакви возила, а ќе има вградено и плејада други сензори за ориентација.
Извор: Mashable