boeing_nuclear_laser_engine

Авиотранспортот е еден од најбрзите и најбезбедните форми на транспорт. Не постои друго средство кое ви овозможува да пропатувате од Скопје до Ајндховен, Холандија за два часа (освен ако под вакво „средство“ би сметале и Скајп комуникација преку камера). Сепак, авиотранспортот се` уште е бавен во однос на тоа каков може да биде.

Авионските компании напорно работат на произведување на побрзи и поефикасни авиони со цел да однесат што повеќе патници, што побезбедно на што повеќе места. Од друга страна, што би рекле ако ви кажеме дека еден ден кога ќе летате со авион до вас во моторот можеби ќе се случуваат нуклеарни реакции и ласерси зрачења? Изгледа дека ваквото „задоволство“ ќе ви биде пружено од Boeing кои само што добија патент за ваков дизајн на авионски мотор.

Се работи за погон кој во својот центар има фузиона комора, каде што со помош на ласери кои се фокусирани на една точка ќе се пренесува енергија на мало парче – мешавина од деутериум и тритиум (двата се изотопи на водород). Ласерите се вклучуваат во точно истиот момент, што предизвикува огромен притисок врз парчето. Ваквиот притисок предизвикува фузија меѓу двата водородни атоми.

Фузијата ослободува огромно количество топлинска енергија што пак предизвикува огромно придвижување на топли гасови, кои се насочуваат позади и помагаат во пропулзијата. Дел од овие гасови се насочуваат и кон турбина која пак создава електрична енергија потребна за напојување на ласерите и за други потреби во авионот.

Засега рамковната технологија потребна за да се изгради ваков авионски погон не е на потребното ниво. Апсолутната синхронизација меѓу двата или повеќе ласери е нешто што засега е многу тешко да се оствари, особено тешко кога се работи за подвижни објекти кои се под влијание на турбуленции, слетувања и одлетувања. Обезбедувањето на безбедност при ваква фузиона реакција е уште една точка која треба да се разработи повеќе.

Како и да е, мило ни е што авионските компании продолжуваат да работат на подобрување на авиотранспортот со вакви технологии кои во иднина можат да се искористат и за вселенски транспорт и други намени.

Извор: ArsTechnica, Business Insider

Претходна статијаMicrosoft спрема четири нови геџети за Lumia телефоните со Windows 10
Следна статијаAMD FirePro S9170 е супер моќна графичка за професионалците со 32 GB рам