bmw-motorrad-next-100-ed

Од серијалот на концепт возила кои ги претстави BMW последниве неколку месеци, последен е Motorrad Vision Next 100 концепт мотоциклот, кој има неколку иновативни решенија и изгледа како д е изваден од некој научно фантастичен филм.

Најголема предност на овој мотоцикл е што е исклучително стабилен, односно има посебен систем за „самобалансирање“. Ова значи дека никој, ама баш никој нема да може да го преврти овој мотор на земја, дури и ако тој стои во место. Одлична вест за почетниците во возењето на мотори, но и за сите останати – со овој систем возењето на мотоцикл ќе биде многу полесно.

Како и скоро секој друг Vision 100 концепт и овој има многу технологија во него. Така, сите информации ќе бидат достапни во посебни очила кои ќе ги носи возачот, што значи дека нема потреба од класична инструмент табла. Мотоциклот најверојатно е и електричен, бидејќи според BMW не испушта воопшто гасови во атмосферата.

Она што BMW го порачува за овој мотор, а што делува малку неосновано е дека возачот тука нема да има потреба да носи кацига, токму поради погоре споменатиот систем за „самобалансирање“. Искрено, не знам дали подзаборавиле, но со овој мотор сѐ уште може да се направи незгода, односно судир со друго возило или предмет, што може да има тешки последици врз возачот доколку не носи заштита.

Како и да е, ова е само дизајнерска визија за тоа како би изгледале и какви можности би имале мотоциклите во наредните 100 години – не очекувајте овој модел наскоро да го видите на пазарот, независно од тоа што изгледа ептен кул.

Извор: Engadget, Mashable, Wired

Претходна статијаMicrosoft Windows Server 2016 е достапен за генералната публика
Следна статијаНоќеска на полноќ iStyle започна со продажба на iPhone 7