Денеска, сите сме сведоци на енормниот напредок на паметните телефони во однос на се поголемите карактеристики кои можат да ни ги понудат. Но, со повеќето карактеристики пропорционално станува поголем недостатокот на животниот век на батериите кои тие ги користат. Производителите на паметните телефони, се обидуваат максимално да го зголемат капацитетот на батериите кои тие ги понудуваат, но денешните батерии имаат сепак свои ограничувања.
За таа цел научниците од Технолошкитот Универзитет Вирџинја од САД, успеале да развијат “био батерија” која работи на шеќер. Имено, тие тврдат дека батеријата има капацитет за складирање на 10 пати повеќе енергија во споредба со литиум-јонските батерии кои најчесто се користат кај паметните телефони.
Одамна е познато дека шеќерот е одличен извор на енергија. Но, сепак екстракцијата на таа енергија, освен доколку не се наоѓа во жив организам или со помош на некој вид запалива направа, е доста сложена. Батеријата, која научниците ја развиваат, генерира електрична енергија со хемиска (ензимска) реакција во интеракција со молекулите кои се наоѓаат во шеќерот.
Процесот се одвива на сличен начин како и кај останатите горивни ќелии, со таа разлика што кај оваа батерија, полисахарид добиен со делумна хидролиза на скроб со воздух генерира електрична енергија и вода како нуспроизвод.
Сепак, ова не е прва “шеќерна” батерија која е развиена. Меѓутоа, она од што оваа батерија се разликува од претходните е тоа што таа нуди поголема енергетска густина, што би значело дека циклусот помеѓу две полнења би бил далеку поголем.
Еден од научниците вклучени во проектот, Персивал Жанг, вондреден професор на универзитетот, вели дека технологијата ќе биде подготвена за имплементација за околу 3 години. Ова откритие ќе биде особено важно за иднината на паметните телефони, но истотака и за иднината на електричните возила.
Ова открите истотака може да ја револуционизира батериската индустрија, која се почесто се соочува со негативни критики во однос на загадувањето на животната средина поради штетните хемикалии кои се користат во процесот на производство. За разлика од конвенционалните батерии, “биобатериите” не се запаливи и уште поважно – составени се од биоразградливи материјали.