Веројатно сите се израдувавме кога пред некој ден ги видовме видеата каде возилата на Tesla возеа со автопилот. По добиената софтверска надградба тие станаа одеднаш поспособни (што е суперкул феномен сам по себе) и се стекнаа со способност самите да се управуваат на патот.
Секако, секогаш доаѓа едно „ама…“. Ама во овој случај не е ни толку чудно ниту неочекувано. Имено, се работи за софтвер во бета верзија кој моментално се тестира. Затоа и самиот производител експлицитно наведе дека „Tesla автопилотот функционира како системите кои ги користат пилотите кога условите се соодветни. Возачот е се’ уште одговорен за и тотално во контрола на возилото“.
Така што не е ни чудно кога се појавуваат грешки во користењето на автопилотот. Тој понекогаш се обидува да се исклучи од патот непотребно, па дури и нагло, или дури да навлезе во сообраќај без знак дека ќе закочи. Тоа можете да го видите на двете видеа кои ги прикачивме на овој текст.
Ова веројатно ќе ги поттикне техноаверзивците кои ќе почнат да „завиваат“ дека, ете, технологијата не може да го замени човекот, не е доволно безбедна, ќе не’ уништи… Слично како лудитите на почетокот на индустриската револуција. Сепак, Tesla јасно кажаа дека технологијата за целосно автономни возила е оддалечена уште неколку години, а ова е тестирање на првите почетоци.
Од друга страна веќе неколку пати сум пишувал за интензивните етички проблеми кои би се појавиле во случај кога автономно возило би убило човек или би го убило возачот обидувајќи се да не убие друг човек во случај на несреќа и кој во тој случај би бил крив за настанатата ситуација. Изгледа дека човештвото повторно по потешкиот пат ќе ги решава овие етички прашања – преку методот на „пробај и згреши“.
Извор: CNet, The Verge, Tesla Motors