Два научника од Харвард (биоинженер и генетичар на Wyss инстутот) успеале да складираат околу 700 терабајти податоци на еден грам од ДНК, со тоа постигнувајќи илјада пати подобро складирање од претходните резултати.
Ова тие го постигнале со нов начин на складирање на податоците на самата ДНК, при што ја третираат како било кој друг мемориски уред. Тие ги сметале нуклеобазите Т, Г, А и Ц како бинарен систем составен од 1 (Т и Г) и 0 (А и Ц). За да се декодира информацијата сместена во ДНК треба едноставно да се секвенцира како што се секвенцира и човековиот геном и потоа добиената секвенца се префрла во бинарен запис кој може дигитално да се протолкува.
ДНК е многу привлечна варијанта за мемориски уред поради повеќе причини. Ако е соодветно заштитена нејзината информација може да остане нечепната милиони години. Таа се витка и зазема 3Д простор, што многукратно го зголемува потенцијалот за запишување на податоци. Во исто време е толку мала што може да се смести на приватно место (па дури и во самото наше тело со соодветна изолација) и да се користи како приватен уред. Но веројатно ќе се употребат од разни разузнавачки агенции и за складирање на податоци за однесувањето на луѓето на Интернет и во останатите домени кои денес не би можеле да се складираат поради физички ограничувања, предизвикувајќи проблеми со узурпација на приватноста. Научниците подолго време се заинтересирани за искористување на ДНК како мемориски уред.
Научниците од овој експеримент покрај тоа што сместиле толку податоци на грам ДНК успеале да направат 70 милијарди копии од истата, што според нив е најраширената „книга“ објавена до сега. Целото количество на податоци во овој случај било 44 петабајти податоци.
Ова ни овозможува да претпоставиме дека за да се смести целото човеково знаење и активност би биле потребни неколку килограми ДНК кои би можеле да си ги носиме со нас. Но имајќи ја предвид генералната неорганизираност на човештвото, би претпоставил дека барем 30% од вака-запишаните податоци ќе бидат неизбришани филмови и песни од пред десет години, илјадници фотографии што родителите ги направиле од секој момент од нивните деца, како и терабајти од „temporary internet files“.
Извор: Extreme Tech, Harvard, ScienceMag
Насловна слика: cooldesign / freedigitalphotos.net