Технологијата на 3Д печатење веќе почнува да се раширува меѓу индустријата и потрошувачите. Таа е се’ уште значително млада, но многу надежна. Со 3Д принтерите се овозможува брза прототипизација на разни дизајни, па дури и создавање на цели производи по нарачка, тоа што обично беше резултат на нарачка од специјализирани компании за производство на пластика, метал и слично.
Еден горлив проблем кај 3Д принтерите е нивната брзина. Имено, за печатење на некој поголем предмет обично се потребни десетици часа, што ја прави оваа технологија неподобна за брзо производство на многу парчиња производи (освен во случај ако некој ги има средствата да инвестира во многу 3Д принтери кои би работеле паралелно). Секако, технологијата не би била технологија ако не би се развивала и подобрувала.
На помош доаѓа Carbon3D, компанија која се занимава со 3Д печатење и особено со создавање на нов начин на 3Д печатење. Нивниот концепт на печатење работи различно од стандардните и е наречен CLIP – Continuous Liquid Interface Production. Додека кај стандардните 3Д принтери се работи во „изведена“ трета димензија т.е. принтерот создава повеќе дводимензионални слоеви кои се „лепат“ едни врз други за да создадат 3Д објект, со технологијата на Carbon3D веднаш се создава 3Д објектот.
Тоа тие го изведуваат преку специфичен и многу прецизен систем, комбинација од ласер (кој го стврднува материјалот), течен материјал-сировина и дозер на кислород. Во „базенот“ на сировината, на површината ласерот ја стврднува течноста. Стврднатиот дел се подига со платформа полека нагоре додека работи ласерот. Тоа што е ново е што од дното на базенот прецизно се донира количество на кислород таму каде што е потребно и колку што е потребно. Каде што се наоѓа кислородот не може да се стврдне сировината, и со ова практично од Carbon3D успеале да ги оформат предметите во (скоро) вистинска трета димензија, без да лепат повеќе 2Д слоеви.
Овој процес изгледа на спојувањето на Т1000 од „Терминатор 2“ филмот. Со овој процес, покрај тоа што се избегнуваат иритантните недостатоци на стандардното 3Д печатење, дополнително се забрзува самиот процес за дури 25 пати! Технологијата на 3Д печатење ќе ни овозможи домашно продизводство на алати и предмети кои ни се потребни без да мора да се потпираме на волјата и дозволата од пазарните и државните монополи во производството, па дури и ќе можеме да започнеме сопствен бизнис за продажба на ваквите предмети. Веќе пишувавме за скоро целосно испечатена зграда во Кина, како и 3Д принтер за шминка, 3Д принтер за по дома, како и генерално за 3Д принтерите.