Дали знаете која е највисоката зграда на светот? Бурж Калифа во Дубаи со своите преку 350 метра. Дали знаете колкава ќе биде највисоката светска зграда некаде во блиската иднина? Најверојатно направена по дизајнот на една канадска компанија, кој треба да создаде 20 километарска зграда.
Да, токму како што прочитавте, компанијата дизајнираше зграда која треба да се издигне на цели 20 километра над Земјата. Со тоа таа ќе навлезе во стратосферата, а воедно ќе го надмине и Армстронговата граница од околу 19 километри висина при која течностите од телото испаруваат поради снижениот надворешен воздушен притисок. Идејата на дизајнерите на зградата е таа да се искористи за разни идни вселенски мисии.
Имено, на нејзиниот врв треба да постои платформа од која би полетувале астронаути во мисии кои би биле далеку поевтини него да полетуваат од самата површина. Ова е поради тоа што нивното качување ќе биде изведено со лифтови кои ќе трошат помалку енергија него да се лансира целата тежина на ракетата со помош на керозин и друго гориво, како што се прави досега. Астронаутите би доаѓале повторно до платформата за да се наполнат со гориво, залихи, да се сменат како екипаж и да се продолжат мисиите со изведливо количество на потребни ресурси.
Дополнително, кулата може да се искористи за туризам, долготрајни научни истражувања на висини со екстремно мал воздушен притисок, комуникација и за прибирање на енергија од ветрови. Кулата ќе има активен систем на стабилизација и нема да биде изведена само од цврсти материјали, туку ќе биде флексибилна како би ги издржала притисоците од разни појави како ветер, високи разлики во температури и слично.
Не знаеме за вас, но ние баш би сакале да се искачиме на 20 километри над Земјата некаде блиску во иднината. Инаку, првиот концепт за слично пренесување на залихи до вселенски мисии е даден од рускиот астроном и научник Константин Циолковски, со тоа што во неговиот дизајн се работи за кабел, а не за (полу)цврста кула.
Извор: RT, IFLScience