Неодамна објавивме дека ZTE го привршува развојот на смартфонот со помош на заедницата (Project CSX) и сега тие ги објавуваат целосните спецификации. Името на моделот ќе биде Hawkeye, односно „Соколово Око”, што го најавува и главниот адут на телефонот – следењето на очите.

Самиот телефон е прилично солиден. Неговата цена е 199 долари, што е за поздрав, а не нѐ разочаруваат ниту спецификациите. Процесорот е Snapdragon 625, помогнат од 3 GB рам меморија и 32 GB простор (има слот за micro SD), додека дисплејот има големина од 5,5 инчи со Full HD резолуција. Назад телефонот е опремен со двојна камера од 12+13 мегапиксели која овозможува оптички зум, исто како смартфоните од високите класи, додека предната камера има одлични 8 мегапиксели.

Батеријата има капацитет од 3.000 mAh, што е солидно со оглед на процесорот, додека достапно е и Qualcomm Quickcharge 2.0 брзо полнење преку USB Type-C приклучокот. На телефонот има и читач за отпечатоци на прстите, што е одлична вест, а доаѓа и со вграден Android Nougat, нешто што недостасува кај скоро сите конкуренти од оваа класа.

Сепак, Hawkeye има два адути кои ги нема ниту еден друг смартфон во моментов. Прво, тој може да се користи без да го допирате дисплејот, односно само со очите. Вака, може да „скролате” по веб страни, да премотувате слики итн. Втората можност е самолепливата обвивка на телефонот, слична на геџетите за лепење на вашиот смартфон вертикално во автомобилот. Со помош на овој материјал, ZTE Hawkeye ќе може да го поставите вертикално на скоро секоја површина, што може да се покаже како корисно во многу ситуации.

ZTE Hawkeye беше развиван од заедницата, но сега заедницата ќе треба и да помогне во негово донесување на пазарот. Во моментов на Kickstarter компанијата има собрано само 31.000 долари од потребните 500.000 и тоа дури две недели по лансирањето на кампањата. Иако е рано да се отпише, ваквите кампањи обично завршувале со неуспех, освен ако не се појави некој инвеститор во меѓувреме, што е малку веројатно.

Извор: CNET, Techno Buffalo, Kickstarter

Претходна статијаЕксинос процесорите на Самсунг одбрани да ја револуционизираат новата генерација на Инфо-Забавниот систем во возилата на Ауди
Следна статијаTesla инсталира нов Powerpack проект во Калифорнија