Тие кои го следат пазарот за преносливи уреди (телефони, таблети…) веројатно се сеќаваат дека Микрософт го купи светскиот производител на мобилни телефони Нокиа во 2013 година за 7,2 милијарди долари. Секако, Микрософт сигурно не тргна во оваа трансакција за да ја финансира Нокиа туку секако сака да си ги искористи мачно-платените милијарди во своја корист. Пред некое време напишавме дека Lumia брендот веќе нема да биде под името на Нокиа туку под Микрософт, и токму тоа почна да се остварува.

Запознајте се со Microsoft Lumia 535, најновиот телефон од Микрософт кој работи на Windows Phone платформата. Тој има 5 инчен екран, 8 гигабајти внатрешна меморија, 1 гигабајт рам меморија, автоматска регулација на осветлувањето на екранот, 5 мегапиксели предна камера, 5 мегапиксели задна камера со ЛЕ диода како светло, како и 1,2 ГХц процесор со четири јадра (Qualcomm Snapdragon 200).

За жал, резолуцијата на екранот е само 960х540 пиксели што нема да може да се избегне кога ќе го земете овој телефон во рака. Инаку погорните карактеристики се дел од стратегијата на Микрософт да нуди 5х5х5: [инчи на екран] х [резолуција на камера] х [5 интегрирани Микрософт услуги: Skype, Office, OneDrive, OneNote & Cortana]. Телефонот ќе има во себе 1.905 мАч батерија која треба да обезбеди доволно моќ за да ве протурка низ работниот ден.

Брендот Нокиа е тргнат кај овој телефон и на негово место сега живее Микрософт (на задната и предната страна), но и покрај ваквата смена истиот не е нападлив и веруваме дека набргу ќе се привикнете да го гледате секојдневно. Задниот капак кој ја покрива батеријата може да се менува и е достапен во повеќе бои, така што ако некоја конкретна не ви одговара ќе можете да ја смените со некоја попријатна. Микрософт исто така изјави дека ќе понуди на пазарот и заштитни прекривки (веројатно од гума или пластика) кои ќе одговараат на боите на капаците.

Одличната вест за сите кои сакаат со себе да ја носат целата своја музичка архива е што телефонот ќе поддржува SD картичка за зголемување на меморијата, па внатрешната од 8 ГБ ќе може да се зголеми за максимум 128 ГБ.

Погледнете го официјалното видео од Микрософт за претставување на овој телефон:

https://www.youtube.com/watch?v=05TGNfXkjUI

Стратегијата на Микрософт е да го развие Windows Phone брендот преку освојување на што поголем дел од пазарот. Овој телефон очигледно нема намера да се натпреварува со најлуксузните уреди од другите платформи како iPhone 6 и Nexus 6. Напротив, неговата намена е да тргне во импресионирање на пазарите со помала куповна моќ преку нудење на сите горенаведени карактеристики за импресивна цена, која што ќе биде околу 110 евра (135 долари).

Да се надеваме дека Микрософт ќе успее да го пласира Windows Phone повеќе на пазарот како би виделе уште поголема конкуренција за сите учесници (Микрософт, Гугл, Епл, ХТЦ, Ксиаоми итн.) и би искусиле пад на цените на ваквата електроника што ќе ни одговара на сите нас. Овој телефон изгледа како да ја има способноста да го оствари тоа.

Извор: The Verge, Windows Central, Engadget

Претходна статијаЗапочнува 4-тиот натпревар “Нордеус хакатон” – направи видео игра за 24 часа
Следна статијаBMW се активира да го реши проблемот на полнење на е-автомобилите