Како што беше најавено на почетокот од оваа недела, од денеска официјално Nokia е дел од Microsoft, односно името на компанијата се менува во Microsoft Mobile Oy. Процедурата за купување на оваа компанија започна минатиот Септември со потпишување на договорот за продажба во вредност од повеќе од 5 милијарди евра. Потребни беа околу 8 месеци за сите потребни дозволи и административни процедури да бидат завршени за да договорот може официјално да стапи во сила. Договорот прво беше одобрен од страна на акционерите на Nokia, по што следуваше одобрувањето од страна на Европската комисија. Во останатите месеци беа добиени останатите одобренија, како и од американските регулаторни тела, по што работата од денес е целосно завршена.
Microsoft од денеска станува сопственик на делот од Nokia кој што беше одговорен за изработката на уредите, односно на познатите Lumia паметни телефони, како и останатите телефони од пониската класа. Дел од нив се и трите паметни телефони кои што работат на Android оперативниот систем, за кои што подолго време се шпекулираше и не беше сигурно дали ќе бидат дефинитивно претставени поради новиот сопственик. Претпоставуваме дека претставувањето месеци после потпишувањето на договорот за продажба укажува на фактот дека од Microsoft биле информирани за овој потег и е одобрен од нивна страна, па не би требало да се очекува откажување на проектот. Сепак останува да се види дали ќе бидат претставени уште уреди кој што ќе работат на Android оперативниот систем.
Што друго може да се очекува од ова спојување останува да видиме, поради тоа што конкретни најави не се направени. Се вклучувањето на производител на паметни телефони како дел од нивната компанија, Microsoft ќе може целосно да го контролира процесот, а со тоа да ја подобри понудата на пазарот со Windows Phone телефоните.
Да ве потсетиме, Microsoft реши да престане да наплаќа за лиценцирање на Windows Phone оперативниот систем, како и уредите кои што работат на Windows 8, а се помали од 9 инчи. Одлуката не е изненадувачка со оглед на фактот дека Nokia држи повеќе од 90% од пазарот со Windows Phone уреди, па приходите од лиценци секако ќе ги изгубеа. Се разбира тука е и конкуренцијата, посебно од страна на Google чии што оперативен систем е open source, па неговото лиценцирање е бесплатно од самиот почеток, но сепак се плаќа лиценца за користење на Play Store сервисот и апликациите.
Microsoft и Nokia излегоа со посебни известувања за јавноста, па доколку сакате можете да ги прочитате на следните линкови, Microsoft, Nokia.