microsoft-nokia

Купувањето на Nokia од страна на Microsoft започна во Септември минатата година со потпишување на договор помеѓу овие две компании. Купувањето се однесува на делот од Nokia задолжен за уредите и сервисите, односно Nokia Devices and Services, во кој што спаѓаат познатите мобилни телефони од оваа компанија. Договорот е склучен на сума нешто поголема од 7 милијарди долари, односно нешто повеќе од 5 милијарди евра. Како и што се очекува, реализацијата на договори со вакви суми е процес кој што треба да помине низ повеќе институции, а кога нa тоа ќе се додаде дека во случајот се работи за компании од различни земји, процедурата уште толку се усложнува. Европската комисија го одобри договорот во Декември минатата година, со што можеше да се продолжи пред американските власти.

Од Microsoft преку нивниот блог ја известија јавноста дека процедурите конечно се завршени и договорот официјално ќе се реализира овој петок, односно на 25 Април. Со тоа Nokia официјално станува дел од Microsoft и производите на компанијата стануваат дел од производите на Microsoft. Според договорот Microsoft треба да продолжи да ги одржува Nokia.com заедно со поврзаните социјални сметки уште една година, а ги има купено правата за брендот заедно со Lumia за наредните 10 години. Од тоа може да се заклучи дека уште одреден период ќе има производи кои што ќе го носат името Nokia.

Според неофицијални информации, односно од меморандум испратен од страна на Nokia до нивните клиенти може да се види дека името на компанијата ќе биде преименувано во новоформираниот дел наречен Microsoft Mobile на чие чело ќе застане поранешниот главен директор на Nokia и еден од споменуваните имиња за главен директор на Microsoft, Steven Elop.

Сигурно ќе биде интересно да видиме во кој правец ќе ја однесе оваа позната компанија Microsoft и дали ќе успее да се приближи до нивните најголеми и засега недостижни конкуренти Apple и Google.

Извор: Microsoft Blog, Mashable

Претходна статијаFlippypad: Концепт за играње на Project Ara телефоните
Следна статијаLytro ја претстави Illum, својата втора камера
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.