Досега веќе неколку кинески “no name” компании се обидоа да го копираат iPhone X, нормално неуспешно, но еве една информација која целосно изненадува. Xiaomi, производителот кој ги донесе смартфоните без рамка на сцената со Mi Mix серијата, ќе лансира нов Mi Mix 2S смартфон, кој ќе има засек во горниот дел кој неодоливо потсетува на iPhone X.

Зошто е ова големо изненадување? Да бидам искрен, во мои очи Mi Mix 2 сѐ уште е најубавиот смартфон со минимална рамка, кај кој камерата и сензорите се сместени во долниот дел, кој и така често го користиме за држење со рацете, а не во горниот дел со засек во самиот дисплеј. Сепак, популарноста на смартфонот на Apple дефинитивно влијае и на другите производители и во иднина може да се очекува уште неколку да го прифатат овој дизајнерски детаљ.

Самиот смартфон ќе биде веројатно ист во сите други аспекти со Mi Mix 2, односно разликата веројатно ќе биде тоа што долниот дел сега ќе има многу мала рамка, исто како и страничните, додека сензорите и камерата ќе бидат сместени во засекот. Овој потег барем ќе ги поправи лудите селфија со камерата на Mi Mix 2, која е поставена во долниот дел на телефонот.

Останува да видиме како ќе изгледа финалниот модел и дали воопшто ќе го видиме на пазарот – засега ова се само протечени информации, но ако се случи, факт е дека Xiaomi ќе загуби од својата оригиналност која го направи брендот толку популарен низ светот.

Извор: TechnoBuffalo, GSM Arena, NDTV

Претходна статијаGoogle и VW работат заедно на квантен компјутер за автомобилите
Следна статијаИ Skype додаде “Snapchat” филтри во својата апликација

Оставете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.