Android One иницијативата е обид на Google да ја донесе чистата ванила верзија на Android во најразлични смартфони, но таа не успеа да вроди со плод и покрај напорите на гигантот. Сега тие ќе пробаат со Xiaomi, вториот по големина кинески производител и еден од петте најголеми во светот, со кој работат на Xiaomi Mi 5X смартфон со чист Android.

Верзијата со чист Android оперативен систем најверојатно ќе се вика Xiaomi Mi A1 (протечен е во Индонезија) и има многу солидни спецификации, како 5,5 инчен дисплеј со Full HD резолуција, Snapdragon 625 процесор, 4 GB рам и 64 GB простор, батерија со капацитет 3.080 mAh, двојна задна камера со една камера со нормален агол и втора камера со повеќе зум, како и предна камера со 5 мегапиксели.

Голема придобивка на овој смартфон сепак ќе биде чистата верзија на Android. Идејата е оперативниот систем да нема премногу инсталирани апликации освен оние на Google и да добива брзо надградби на понови верзии, со скоро иста брзина како Nexus и Pixel уредите. Ова е особено значајно за производител како Xiaomi, чија MIUI верзија на Android е позната по тоа што доаѓа со еден тон инсталирани апликации, од кои поголемиот број корисниците и не ги користат и кои не можат да се избришат.

Најголемиот адут на Xiaomi Mi A1 сепак ќе биде цената, која ќе изнесува 250 долари. Ова не само што е достапно, туку е вистинска кражба за смартфон со двојна камера, солидни перформанси и ветување за брзи (и трајни) надградби на понови верзии, кои се особено значајни за зачувување на безбедноста на корисникот.

Извор: Android Central, GSMArena, The Next Web

Претходна статијаКасперски под лупата на ФБИ
Следна статијаSamsung пушти две нови видеа како најава за Galaxy Note 8