На само еден ден од официјалното претставување на новиот знаменосец на Samsung, имаме две нови видеа за Galaxy Note 8, кои најавуваат двојна камера со висок квалитет, која може да ја намали длабочината на полето и да има своевиден оптички зум, како и уметник кој користи неколку различни типови на моливи и четки за да наслика една слика, со цел да се покажат перформансите на дигиталното S-Pen пенкалце.

И двете работи не се особено револуционерни. Двојна камера имаат веќе поголем број од конкурентите, многу од нив со слични можности како таа што ќе биде во Galaxy Note 8. Сепак, со оглед на тоа што се работи за Samsung, може да очекуваме фотографии со највисоко ниво на квалитет – корејскиот гигант знае да извади максимум од супер квалитетните сензори и оптика кои ги вградува во своите телефони од високата класа.

Истото важи за S-Pen дигиталното пенкалце, кое сега сигурно ќе поддржува повеќе нивоа на притисок и кое ќе има повеќе функционалности од претходно. Дали ова значи дека бројот на корисници кои ќе го користат ќе се зголеми тешко е да се каже, но како и да е, добро е да се има направа со која ќе можат да се земат брзи прибелешки, особено врз некоја фотографија или скриншот.

Што сето ова значи за Galaxy Note 8 ќе дознаеме утре, кога Samsung официјално ќе го претстави телефонот на јавноста. Поголеми изненадувања не би требало да има, дури ни такво со запалување на батеријата, бидејќи верувам дека Samsung си ја научи лекцијата.

Извор: TechRadar, T3, 9 to 5 Google

Претходна статијаXiaomi соработува со Google за лансирање на Android One смартфон
Следна статијаGoogle официјално го претстави Android 8.0 Oreo