Убавината во софтверските надградби е што многу функции кои не биле достапни во почетокот, можат да бидат вградени подоцна. Ова најдобро го знаат корисниците на Windows еко системот кај смартфоните, кои кај своите телефони стари преку две години, добиваат нови, корисни функции, како на пример функцијата за забавено видео во Windows Camera за Windows 10 Mobile.
За да работат забавените видеа, минимум е да имате Snapdragon 800 процесор, што во превод значи дека оваа функција ќе може да ја користат само оние што имаат Lumia 930, Lumia 1520 и Lumia Icon (во САД). Новата функција се појавува во надградбата на камерата која е вградена во новиот мобилен оперативен систем на Microsoft. Кога ќе ја отворите камерата, има една икона во вид на желка, која прилично добро објаснува какви можности има новата функција.
Кога ќе се избере таа функција, камерата го снима видеото во HD резолуција (1280х720 пиксели) и 120 слики во секунда. По снимањето, кога ќе го гледате видеото, истото се прикажува четири пати побавно отколку нормалното (подолу и пример видео од камерата, како и преглед од Windows Central). На корисникот ќе му биде достапна и можност за едитирање, како на пример кратење на видеото или забрзување на некои делови, но од Windows Central јавуваат дека ова го влошува квалитетот на видеото.
Како и да е, доколку имате еден од погоре споменатите телефони, ова е интересна нова играчка, која досега беше достапна само во телефоните од високите класи од Android и iOS сферата и за поздравување е нејзиното вградување во прилично старите модели со Windows.
Извор: Windows Central