Во средата оваа недела Apple ги претстави iPhone 14 Pro и iPhone 14 Pro Max. Како што се очекуваше, овие телефони дојдоа со неколку новини кои неофицијалните извори повторно ги погодија во одличен процент.

Сепак, остана и малку да бидеме изненадени, а секако ги добивме целосните информации за новите функции, па еве ги и трите од нив кои ги сметаме за најважни, најинтересни и најголеми кај iPhone 14 Pro моделите.

Dynamic Island

Од неофицијалните информации знаевме дека Apple ќе го намали исечокот на екранот кај iPhone 14 Pro. На неколку денови пред претставувањето дури се дозна дека двете дупки, едната за Face ID системот и другата за селфи камерата, ќе бидат споени софтверски креирајќи еден исечок.

Исто така, беше најавено дека Apple може да ја прилагодува големината на исечокот зависно од апликациите што се користат, но не се знаеше каква мала, но доста креативна и интересна функција подготвувале од компанијата.

Наместо само така да стои и да зафаќа простор на екранот, Apple се одлучи да околу новиот исечок комбинира известувања и информации кои ќе го направат овој дел од екранот повеќе корисен. Сега околу исечокот се прикажуваат информации како што се на пример контрола за музиката која се слуша, контрола и информација за одбројувачот, статусот на поврзаните слушалки и слично.

Тоа што го прави уште поуникатен овој дел се и анимациите за работите кои се прикажуваат, па слободно може да се каже дека Apple успеа да од еден исечок кој уште го користи, направи нешто интересно и посебно.

На исечокот поради овие новини Apple му имаат дадено и соодветно име, па тие го нарекуваат Dynamic Island.

Always-On екран

Одамна се чека Apple да ја воведе оваа едноставна и корисна функција која Android конкурентите ја имаат одамна, а ја вклучуваат и кај уредите од пониските класи. Користењето на OLED екран кај iPhone се сметаше како доволно за воведување, па минатата година мислевме дека конечно корисниците на Apple ќе ја добијат оваа барана функција.

За оваа година се најавуваше дека може да се очекува, но остана некако да се види на настанот.

iPhone 14 Pro телефоните конечно добиваат Always-On екран и мора да се каже дека Apple повторно во нивни стил, одамна достапна функција кај другите ја воведува подоцна, но доста подобро.

Always-On екранот кај iPhone 14 Pro функционира исто како кај Apple Watch, односно содржината која се прикажува на „заклучениот екран“, само се затемнува и истите информации продолжуваат да бидат достапни. Тоа значи дека покрај часовникот, новите виџети од iOS 16 се гледаат на Always-On екранот, а продолжува да се гледа и избраната позадина.

Тоа што овозможува оваа функција да не влијае многу на батеријата е користење на најновата генерација од LPTO екраните која има одредени подобрувања, како и стапка на освежување од 1 херц до 120, иако ова не е толку ново.

Кога ќе се вклучи Always-On екранот, тој се освежува само една во секунда, што потрошувачката на енергија се сведува на минимум.

Камера со 48 мегапиксели

За првпат еден iPhone ја надминува бројката 12 кога се во прашање мегапикселите на камерите, па главната камера кај iPhone 14 Pro доаѓа со сензор од 48 мегапиксели. Оваа камера користи спојување на четири пиксели во еден со што се добива доста подобро сликање во темни услови, а сликите се со 12 мегапиксели.

Како и кај сите кои ја користат оваа технологија, корисниците можат да изберат да сликаат во целосната резолуција од 48 мегапиксели. Големината на датотеката, односно сликата, во тој случај може да биде и до три пати поголема.

Apple има и дополнителни подобрувања на системот на камери, а посебно се истакнува „Photonic Engine“ за сликање во темни услови, подобрување поради новиот чип, како и нов „Action mode“, односно режим за стабилизирање на сликата кој треба да го направи непотребно користењето на „gimbal“.

Други новини кои се истакнуваат кај iPhone 14 Pro се новиот A16 Bionic чип, можност за испраќање итни пораки преку сателит кога нема мрежно покривање, iOS 16 оперативен систем и слично.

Претходна статијаВо Маврово во организација на Халкбанк се одржа традиционалната велосипедска трка Halk Velo Green
Следна статијаSamsung воведува нова ера на Calm технологија за платформата SmartThings на конференцијата SDC22
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.