Apple денеска ги претстави iPhone 14 Pro и iPhone 14 Pro Max. Како што се очекуваше, овие модели доаѓаат со различен исечок на екранот, а Apple не го остави овој дел од телефоните целосно без изненадување.

Новиот исечок Apple го нарекува Dynamic Island, давајќи му активна улога на исечокот во корисничкиот интерфејс со што овој затемнет дел од екранот веќе не е тука само да „пречи“.

Dynamic Island поради тоа што е помал од досегашните исечоци, овозможува поврзување со известувањата кои доаѓаат, со одредени информации кои се прикажуваат, а Apple специјално ги има редизајнирано за оваа цел.

Пример за тоа како функционира Dynamic Island е прикажување на поврзувањето на AirPods околу исечокот, а дополнителните информации се зголемуваат со посебна анимација која изгледа како да излегува од самиот исечок.

Apple истакнаа дека имаат дадено посебно внимание на анимациите на овој дел со „antialiasing“ функцијата.

Уште една новина која доста се очекуваше од страна на корисниците е Always-On екранот. iPhone 14 Pro моделите конечно доаѓаат со оваа функција, а Apple не би биле Apple доколку истата не ја направат нешто подобра од конкурентите кои ја имаат уште одамна.

Always-On на iPhone 14 Pro ќе функционира преку затемнување на „заклучениот екран“, односно прикажувајќи ги истите информации само со помала светлина. Поради дополнително унапредениот LPTО екран, намалувањето на стапката на освежување до 1 херц, потрошувачката на енергија поради Always-On треба да е минимална.

Начинот на којшто функционира Always-On е ист како што е кај Apple Watch, со што слободно можеме да кажеме дека искуството ќе биде доста подобро од тоа кое го нудат конкурентите. На ова треба да се додаде и новиот „заклучен екран“ кој доаѓа со iOS 16, со што Always-On екранот ќе изгледа уште подобро.

iPhone 14 Pro моделите функционираат на новиот A16 Bionic чип кој е изработен во 4nm процес на производство.

Камерите како што беше најавено се унапредени и сега имаат 48 мегапиксели со 65% поголем сензор, што значи дека може да се очекува можност за „собирање“ на доста повеќе светлина.

Исто како кај iPhone 14 моделите, посебно е унапредена функцијата за стабилизација на сликата, со што се трга потребата од користење на „gimbal“.

Можноста за поврзување со сателити во итни ситуации секако е достапна и кај iPhone 14 Pro моделите, па корисниците кои не ретко се наоѓаат во ситуации надвор од мрежна покриеност, сега ќе имаат начин како да повикаат итна помош.

Претходна статијаApple ги претстави iPhone 14 и iPhone 14 Plus со сателитска конекција за итни ситуации
Следна статијаВо Маврово во организација на Халкбанк се одржа традиционалната велосипедска трка Halk Velo Green
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.