Лансирањето на iPhone X вљубениците во Apple уредите го сметаат како голема победа, особено во однос на Samsung Galaxy S и Note смартфоните. Точно е, iPhone X е еден навистина импресивен уред, но корејскиот гигант сигурно нема да стои со скрстени раце и уште наредната година спрема нешто што досега не сме го виделе во мобилната телефонија – смартфон со AMOLED дисплеј кој ќе може да се свитка на половина.

Ова би значело дека телефонот може да биде и таблет во исто време кога ќе го отворите, што би било одлично за гледање филмови и видеа, односно сурфање на сајтови или пак дури и како мини лаптоп со дополнителна тастатура. Ако сакате да го ставите во џебот пак или да користите некоја апликација, можете да го свиткате и тој ќе биде како секој друг паметен телефон.

Ваквиот концепт (прикажан на видеото подолу) е навистина импресивен и би можел драматично да ги смени работите кај смартфоните, а знаејќи го Samsung, не се ни сомневам дека ќе сакаат да бидат први со ваков уред на пазарот.

А дека тоа ќе се случи, потврди и нивниот претседател на мобилната дивизија, Донгин Кох, кој отворено најави дека тие веќе работат на ваков смартфон, но дека има уште пречки кои треба да ги надминат за тој да влезе во производство.

Овој период наредната година е време во кое би можел да биде претставен овој уред и тоа како дел од Note гамата, која секогаш ги поместува границите во мобилната телефонија, но Кох нагласи дека на технологијата можеби ќе и треба дополнително време за доработка и дека ваков уред би можел да биде лансиран покасно.

Како и да е, самата најава на Кох со сигурност ќе направи каша кај најголемите конкуренти и ќе привлече многу инвеститори, што е логично – не треба да се биде преголем познавач за да се знае дека ваков телефон би бил вистински бестселер, макар и ако има повисока цена од 1.000 евра. Едно е сигурно – битката на врвот само што почна да се разгорува.

Извор: MacRumors, TechnoBuffalo, The Verge

Претходна статијаВиз Ер Скопски маратон го отвора пријавувањето за 2018
Следна статијаFacebook ги „затега“ правилата за рекламирање и заработка