one-finger-zoom

Океј, знаеме дека iPhone 7 Plus е далеку од првиот паметен телефон со двојна камера и дека во насловот како споредба можевме да спомнеме било кој друг модел со таква изведба, но да бидеме реални – вистинската борба на врвот се води меѓу Samsung и Apple. Токму поради тоа, ако може да се верува на нов патент од Samsung, тие спремаат двојна камера за Galaxy S8.

Според патентот, оваа камера сигурно ќе има некакви зум можности. Од она пак што го знаеме за фотографијата е дека во толку тенко тело како на новите паметни телефони, многу е тешко да се изведе леќа со вистински оптички зум. Исто така, таа леќа би имала многу послаби перформанси од онаа со една фокална должина и многу помала бленда, што значи дека би била полоша во потемни услови. Затоа и Samsung престана со производството на “Zoom” линијата на паметни телефони.

Решението кое го применуваат производителите, меѓу кои LG во G5 и V20 и Apple во iPhone 7 Plus е да вградат две камери – едната со потесен агол, другата со поширок агол. Разликата е што кај iPhone 7 Plus основната камера е со поширок агол, а другата е со потесен агол, додека кај моделите на LG е обратно.

Galaxy S8 сигурно ќе има опција за зумирање, но дали тоа ќе биде за проширување на сликата (LG) или за стеснување (Apple) останува да видиме. Иако патентот не го најавува тоа, можно е двојната камера да има целосно различни функции, како на пример кај онаа кај Huawei P9 која има еден црно бел и еден сензор во боја, со цел фотографиите да имаат повеќе контраст и динамички опсег.

Претходно напишавме дека Galaxy S8 ќе има камера со 30 мегапиксели, која исто така би можела да се искористи за зумирање. Во овој случај, таа би можела цело време да слика со 15 мегапиксели, но кога е на најширокиот агол да користи два пиксели (екстраполирање) со цел да го подобри квалитетот на фотографијата. Кога корисникот ќе зумира, пак, камерата ќе користи дел од сензорот со вистински 15 мегапиксели. Ист ваков метод користи и Lumia 1020, која има 41 мегапиксел и е позната по можностите за големо зумирање.

Она што е сигурно според патентот е дека на новата S8-ка корисникот ќе може да зумира само со еден прст (нагоре – надоле), што е секако многу полесно од зумирањето со два прсти кое го користат скоро сите модели денес. Исто така, корисникот ќе може лесно да ја осветли или затемни сликата само со лизгање на прстот лево – десно.

Новиот Galaxy S8 инаку треба да биде претставен на почетокот од наредната година и се очекува да донесе супер моќна графика и дисплеј со 4K резолуција, кои би требало да го однесат на самиот врв во високата класа на паметни телефони.

Извор: Forbes, BGR, Talk Android

Претходна статијаMicrosoft сака дигитално да го победи ракот
Следна статијаLenovo спрема нов 8 инчен таблет од средната класа?